Британецот направи огромен напредок во однос на првиот слободен тренинг и стигна до првата стартна позиција за денешната кратка спринт трка која ќе одлучува за стартниот поредок за неделната трка за ГН на Велика Британија

Првата квалификациска сесија му припадна на Макс Верстапен и се чинеше дека ќе има релативно лесен пат до пол-позицијата. Дури во финишот Хамилтон успеа да ја намали предноста со новиот сет на гуми кога Холанѓанецот не излегуваше на патеката. Најблиску до нив беше Леклерк, додека по многу неизвесниот финиш на сесијата, Цунода, Раиконен, Латифи, Шумахер Мазепин испаднаа од борбата за влез во Q2.

Температурата во Силверстоун постепено опаѓаше како одминуваше времето и во Q2 беше забележан пресврт кога Хамилтон со време од 1:26,023 беше најбрз, две десетинки пред Верстапен и дури седум пред тимскиот колега Валтери Ботас.

На самиот крај од Q2 бевме близу да видиме некои изненадувања, но на крајот Алонсо, Гасли, Окон, Џовинаци и Строл отпаднаа, додека Ландо Норис едвај успеа да влезе во Q3.

Хамилтон продолжи со одлично темпо и во третата квалификациска сесија. Неговиот круг од првиот обид од 1:26,134 секунди беше доволен за првото место, иако во вториот обид можеше дополнително да го подобри времето, но тој направи грешка во клучниот момент и загуби доста време. Тоа му отвори можност на Верстапен да стигне до пол-позицијата, но на крајот заостана 0,075 стотинки и мораше да се задоволи со второто место пред британската публика која беше во делириум поради Хамилтон. Ботас заврши на третата позиција, две десетинки зад Хамилтон, додека Леклерк беше фантастичен четврти. На возачот на Ferrari малку му помогна и фактот што на Перез му беше избришан последниот круг, поради што Мексиканецот падна на петтото место, а Норис успеа да стигне до шестото место по лошата втора квалификациска сесија. Рикиардо заостануваше само на две илјадити делови на седмото место, Расел по само еден обид во Q3 стигна до осмото место пред Саинц и Фетел, кои забележаа слаба сесија.

Викендот продолжува со денешниот втор слободен тренинг (13.00-14.00 ч.), проследен со спринт трката (17.30-18.00 ч.), која ќе го даде стартниот редослед за утрешната главна трка за ГН на Велика Британија.