Во историските списи, Луис Хамилтон ќе остане впишан како прв победник на трка од Светскиот шампионат во Formula 1 одржана на патеката Муџело

Возачот на Mercedes успеа да слави на трка која беше полна со инциденти и траеше скоро два и пол часа со прекини. Возилото за безбедност го видовме веќе во веќе во првиот круг, па потоа уште две прекинувања на трката, на што Хамилтон успешно одговори за 90. победа во својата кариера. Сега само една победа го дели од израмнувањето на рекордот кој го држи легендарниот Михаел Шумахер.

Валтери Ботас кој заврши на второт место, беше подобар само при првиот старт, но не и во подоцнежните рестарти на трката. За третото место на подиумот се водеше голема борба, за на крајот Александар Албон да успее да ја добие битката за Red Bull Racing. За Тајланѓанецот ова е прв подиум во неговата кариера. Четврти беше Даниел Рикиардо од Renault, а петти Серхио Перез со Racing Point. Славеничката 1000-та трка за Ferrari заврши со освојување на осмото и десеттото место.

Веќе во раната фаза на трката имаше два масовни судири по што дури седум возачи мораа да се откажат од трката. На крајот трката ја завршија само 12 болиди.

Светскиот шампионат во Formula 1 стигна до својата деветта станица за само 11 недели. Навистина луд ритам за тимовите и возачите оваа сезона со драстично променетиот календар, а ова беше историска прва F1 трка на патеката Муџело во Италија. Официјалното име на трката беше Formula 1 Pirelli Gran Premio Della Toscana Ferrari 1000.

Веќе по гасењето на црвените светла, на патеката завладеа вистински хаос. Ботас тргна подобро од Хамилтон и ја поводе трката од првиот свиок, а Леклер направи одличен пробив пред двата болида на Red Bull. Верстапен имаше ужасен почеток предизвикан од проблеми со моторот и се најде во голема голема гужва на средината од поредокот, по што стана една од жртвите на масовниот судир. Покрај Холанѓанецот, од трката отпадна и минатонеделниот победник Гасли. Во судирот учествуваа и Грожан и Раиконен, но тие успеаја да ја продолжат трката.

Во вториот инцидент од првиот круг, на патеката се изврте Саинц. Сите возачи некако го избегнаа, освен Себастијан Фетел, кој потоа мораше да оди во боксот по ново предно крило. Сосема јасно, по овие настани, на патеката излезе возилото за безбедност, овој пат обоено во црвено, како дел од големиот јубилеј на Ferrari.

Периодот на безбедносното возило траеше до седмиот круг по што конечно требаше да започне трката. Ботас беше на лидерската позиција пред Хамилтон, Леклерк, Албон и Строл. За жал, веднаш по повлекувањето на возилото за безбедност, следеше нов инцидент. Уште на стартно целната рамнина, пред да се помине стартно-целната линија, се судрија Џовинаци и Магнусен, а колатерални жртви беа Саинц и Латифи. Судирот беше од тој размер што следеше црвено знаме и прекин на трката за да може целосно да се расчисти патеката.

Сè започна со тоа што Ботас возеше цик-цак на патеката сè до стартно-целната црта. Финецот чекаше до последен момент пред да забрза, со што не направи ништо лошо или спротивно на правилата, а и тие позади нго возеа многу бавно. Возачите во позадина некако нагло се „згужваа“, а некои беа и премногу нетрпеливи, па во еден момент немаа каде да одат по што дојде до голем верижен судир. За среќа, сите возачи вклучени во несреќата излегоа од своите уништени болиди без повреди.

Веќе втора трка по ред имавме прекин на трката и сите автомобили мораа да се паркираат во питлејнот. За време на паузата се случи уште едно повлекување од трката. Окон не учествуваше во судир, но поради прегревање на сопирачките на неговото Renault мораше да се повлече од трката. Во трката останаа само 13 болиди, а за време на црвеното знаме, на тимовите им беше дозволено да ги заменат гумите.

Како и пред една недела во Монца, трката продолжи со старт од место по паузата. Ботас сега беше пред Хамилтон во првиот ред, двајцата со средни гуми. Леклерк и Албон беа во вториот ред, а Строл и Рикиардо во третиот ред. Сите на меки гуми.

Вториот старт подобро го искористи Хамилтон и ја зграби лидерската позиција пред неговиот тимски колега. Леклерк остана трет, а конечно видовме еден полн круг во трка. Албон имаше многу лош старт и загуби дури три позиции. Зад Леклерк беа Строл, Перез и Рикиардо, а болидите на Mercedes веднаш забрзаа и се одвоија.

До 15-от круг, колоната веќе прилично се развлече. Хамилтон имаше секунда и пол предност пред Ботас, а заостанувањето на Леклерк беше повеќе од пет секунди. Веднаш зад него беа Строл, а Рикиардо успеа да го мине Перез во борбата за петтото место. 

Круг подоцна Строл тргна во својот прв сериозен напад, но Леклер некако одбрани, а неговиот тимски колега, Себастијан Фетел, го мина Кими Раиконен на 11-то место. Во 18-от круг имаше две претекнувања, а во двете учествуваа возачите на Racing Pint, но со различен исход. Строл успеа да мине пред Леклерк, а Перез беше претекнат од Албон.

Како и во претходните трки, болидот на Ferrari не беше на потребното ниво, па Леклер по Строл, го минаа и Рикиардо, Албон и Перез. Во 22-от круг беше на седмата позиција по што замина во боксот на промена на гумите.

До 25-от круг од трката, Хамилтон ја зголеми предноста на две секунди, а третопласираниот Строл заостануваше повеќе од 13 секунди зад Ботас.

Околу 30-тиот круг се случија повеќе застанувања во боксовите поради промена на гумите, што доведе до нови промени во поредокот. Хамилтон прв, Ботас втор, а Рикиардо се проби на третото место пред Строл, Албон, Перез, Норис, Леклерк, Квјат и Расел, кои го држеше десеттото место пред Фетел.

Следеше период од трката без некои позначајни возбудувања, се до 44-от круг, кога Ленс Строл излета и со својот болид заврши директно во заштитната ограда. Поради положбата на болидот на Строл, на патеката повторне се најде безбедносното возило, колку да ги спроведе болидите во питлејнот поради новиот прекин на трката. 

По паузата заради поправка на заштитната ограда на местото на ударот на Строл, следеше третиот страт на трката, повторно од место. На стартно целната рамнина се најдоа само 12 болиди. Хамилтон и Ботас во првиот, Рикиардо и Албон во вториот, Перез и Норис во третиот стартен ред. Раиконен доби казна од пет секунди за неправилно влегување во боксот.

Хамилтон повторно имаше одличен старт, а Ботас ја загуби позицијата од Рикиардо. Албон на кратко падна во поредокот зад Перез, но успеа да се врати на четвртото место. Рикиардо по еден круг на второто место не можеше да го задржи Ботас, а малку подоцна во голема борба ја загуби и третата позиција од Албон.

Хамилтон брзо се одвои на два до три секунди предност пред Ботас, но Финецот го имаше одговорот во форма на најбрз круг на трката. Разликата беше помеѓу секунда и пол до две до крајот на трката по што Хамилтон ја забележа 90. победа во кариерата, а Ботас мораше да потпише нов пораз од тимскиот колега.

Албон стигна до првиот подиум во кариерата, пред Рикиардо, Перез, Норис и Квијат. Раиконен заврши како осми, но поради казната, во финалниот поредок се најде зад Леклерк. Фетел некако успеа да се дотркала до 10. Место и еден бод, пред несреќниот Расел кој остана на само чекор до неговиот прв бод во кариерата. Даниел Рикиардо ја освои титулата возач на денот.

РЕЗУЛТАТИ:

RACE HIGHLIGHTS:

ИЗЈАВИЈА ПО ТРКАТА:

Луис Хамилтон:

„Беше како три трки во една. Неверојатно тешко. Патеката е феноменална, жештината, држењето на Валтери зад себе, кој беше брз цел викенд, не беше лесно … И, згора на се, бев зад него по првиот старт“.

 

„Сите овие рестартирања… беше потребна целосна концентрација за тоа време. Беше навистина, навистина тешко. Во првиот стинт добро ги чував гумите. Не требаше да застанувам за нови, но тимот беше загрижен за состојбата на гумите кај Валтери, бидејќи тој имаше проблеми“.

 

„Лудо е да се биде тука и да се оствари 90. победа. Јас сум прилично уморен, искрено. Ова беше најлудата трка што некогаш сум ја имал“, изјави Хамилтон.

По оваа трка, следи слободен викенд, а шампионатот продолжува на 27 септември со трката за ГН на Русија во Сочи.