Луис Хамилтон во болидот на Mercedes е победник на трката за ГН на Емилија Ромања, 13. трка во календарот на Светскиот шампионат во Formula 1 за 2020 година.

Со вистинска стратегија, но и доста среќа во вистински момент од трката, Луис Хамилтон успеа да го надмудри тимскиот колега Валтери Ботас (по кој знае веќе кој пат) и додаде уште една победа на свое конто – 93-та во кариерата.

Макс Верстапен на 20 круга пред крајот во битката за второто место го мина Ботас, но не успеа да ја заврши трката. На десетина круга пред крајот неговата задна десна гума пукна, по што Холанѓанецот излета и не успеа да ја заврши трката. Така Ботас стигна до целта како втор, а Даниел Рикиардо стигна до својот втор подиум со Renault. 

Со новата еден-два победа на Autodromo Enzo e Dino Ferrari, тимот на Mercedes ја обезбеди својата седма последователна конструкторска титула со што го собори светскиот рекорд кој досега го делеа со Ferrari. 

По 14 години, Formula 1 се врати во Имола. За тоа заслуга има пандемијата на коронавирус која го принуди раководството на шампионатот да направи големи промени во календарот. Така, во 2020 година, за прв пат по 1982 година, бевме сведоци на три трки во иста сезона на територијата на една држава. Имола беше третата италијанска станица во сезоната, по Монца и Муџело. Во исто време, тоа беше 100-то Гран при во Formula 1 на италијанско тло.

Во првиот стартен ред, некако веќе и навикнавме, болидите на Mercedes. Ботас на пол позицијата, Хамилтон веднаш до него, а зад нив Red Bull и AlphaTauri – Верстапен и Гасли. Првите три стартуваа на медиум гуми, останатите во Топ 10 на софт.

На стартот, Ботас успешно ја одбрани пол-позицијата, а Верстапен на долгиот правец успеа да го помине Хамилтон. Гасли го загуби четвртото место од Рикиардо, а Албон шестото од Леклерк.

Во позадина, имаше контакт помеѓу Строл и Окон, при што полошо помина Канаѓанецот од Racing Point. Неговото предно крило беше оштетено, поради што мораше во бокс веќе по првиот круг. Помал инцидент имаа и Фетел и Магнусен, а Данецот се изврте и падна на последното место од колоната. Најголеми добитници на стартот беа возачите на Alfa Romeo – Џовинаци се проби од 20-то до 14-то место, а Раиконен напредуваше две позиции (13 на 11-то место).

Водечките тројца се држеа на прилично мала дистанца, но и брзо создадоа разлика во однос на остатокот од колоната. 

По одличната сабота, Гасли немаше среќа на неделната трка. По четвртото место на квалификациите, поради дефект на болидот тимот го повлече од трката. По неговото повлекување, Леклерк го наследи петтото место, пред Албон, а единствената надеж на AlphaTauri остана Квјат на седмото место.

Влегувањата во бокс започнаа порано од предвиденото. Први влегоа Грожан и Џовинаци, а на крајот од 13-тиот круг и првите возачи од првите десет – Леклерк, Норис и Окон. Леклерк и Окон се префрлија на тврда компонента, а Норис на медиум. Веќе во следниот круг, во бокс се Рикиардо, Албон и Квјат, но редоследот не се смени – Рикиардо, Леклерк, Албон и Квјат.

Саинц најдолго остана на патеката од возачите кои стартуваа на мека компонента, па затоа беше и привремено четврти, а зад него на медиум, без да застанат во боксот, возеа Перез, Фетел и Раиконен. По преминот на медиум, Саинц на патеката се врати веднаш зад Квјат.

Од првите тројца, Верстапен беше првиот кој се одлучи на промена на гумите. Mercedes веднаш реагираше и го повика водечкиот Ботас кој без никакви проблеми по замената се врати пред возачот на Red Bull. Разликата повторно беше малку повеќе од една секунда. Хамилтон одлучи да остане на патеката и да се обиде да направи разлика која покасно ќе му овозможи помирно враќање на патеката.

Набрзо Ботас доби порака дека е оштетен подот на неговиот болид, а Верстапен му се приближи на помалку од секунда. За тоа време, Хамилтон успеа да вози малку побрзо од своите ривали и постепено ја зголемуваше предноста, но се доближи до возачите кои заостануваа по еден круг.

Во 29-от круг трката остана без Естебан Окон. Неисправноста на спојката предизвика негово иоткажување, а позицијата на болидот на патеката предизвика виртуелно возило за безбедност.

Вистински подарок за Луис Хамилтон, кој влезе во бокс и без проблем излезе пред Ботас и Верстапен. Уште еден добитник во ситуацијата беше Перез, кој одработи бокс и се врати пред Рикиардо и Леклерк. Периодот на виртуелно безбедносно возило траеше многу кратко, а кога заврши, Хамилтон беше шест секунди пред Ботас, додека Верстапен сеуште беше втор зад Финецот.

Фетел возеше на четвртото место се до 40-от круг кога конечно застана по нови гуми, но по кој знае кој пат механичарите на Ferrari одработеа лошо (13 секунди во место) по што секоја надеж за Фетел за бодови заврши. На патеката се врати на 14-то место. „Последниот Мохиканец“ без влез во бокс беше Раиконен, кој издржа уште девет круга повеќе од Германецот, по што на патеката се врати со мека компонента, на 12-та позиција зад Расел.

Верстапен беше во ДРС зоната на Ботас и на влезот во 43-от круг конечно дочека грешка на Финецот. Верстапен лесно го помина Ботас, но Хамилтон веќе беше далеку напред со 13 секунди предност.

Но, на Макс не му беше судено да ги развои двајцата возачи на Mercedes. Во 51. круг имаше проблем и пукање на задната десна гума при сопирање на крајот од стартниот правец и заврши во песокот. На патеката излезе безбедносно возило, кое некои возачи го искористија за нови влегувања во боксот. Ботас влезе во круг пред Хамилтон, но Британецот остана напред.

За време на безбедносното возило се случи уште еден инцидент, во кој Џорџ Расел изгуби контрола над болидот веднаш зад безбедносното возило и го заби својот Williams во заштитниот ѕид, со што пропушти прилика за можеби првиот бод во Formula 1.

Перез по втор пат замina со бокс и така загуби три позиции, враќајќи се зад Рикиардо, Леклерк и Албон, а неговиот тимски колега Строл при влегувањето во боксот прекасно закочи и повреди една од механичарите.

Безбедносното возило се повлече на пет круга пред крајот на трката, по што настана вистински хаос. Хамилтон го контролираше Ботас, Рикиардо ја држеше третата позиција, а Албон се изврте во борбата со Перез. Квјат успеа да го помине Леклерк во борба за четвртото место, по што не дојде до промени до крајот на трката.

Хамилтон освои нови 26 поени (1 за најбрз круг во трка) и ја зголеми предноста пред Ботас за уште осум поени.

Рикиардо го прослави својот втор подиум оваа сезона, а поени освоија и Квјат, Леклерк, Перез, Саинц, Норис, Раиконен и Џовинаци. 

Резултати

2020 Emilia Romagna Grand Prix: Race Highlights

Изјавија по трката

Луис Хамилтон

„Ова е неодоливо. Го гледам мојот тим и мислам на сите дома во Бракли – тие се неопеани херои. Тоа се луѓе кои работеа напорно и кои никогаш не се предаваат“.

За рекордната седма конструкторка титула…

„Засекогаш, засекогаш ќе бидам благодарен на секој што беше дел од ова, соборување на ваков рекорд. Ниту еден тим не го сторил ова претходно. Неверојатно е да се прави ова од година во година. Иако имаме одлични перформанси, не е лесно да се постигнуваат вакви резултати од викенд во викенд “.

 

„Луѓето што гледаат дома можеби мислат дека сме навикнати на ова, но неверојатно е да се учествува во рушење на рекорди. Седум пати шампиони, тоа е нешто што ќе им го кажувам на моите внуци еден ден“.

Хамилтон даде и интересен коментар за неговиот нов договор со тимот. Британецот по победата на патеката Имола призна дека не може да каже дали ќе продолжи со тимот и следната година, коментирајќи ја и желбата на шефот на германскиот тим Тото Волф да се повлече од функцијата на крајот на годината.

„Вистината е дека не знам дали ќе бидам тука и следната година. Ова не е најважно за мене во моментот. Јас и Тото имавме прилично длабок разговор. Јас целосно го разбирам и знам каде е во моментот и психички и емоционално. Заедно изнесовме голем товар од успехот. Долги години сум во Mercedes и можам да разберам зошто Волф сака да паузира, да паузира и да посвети поголемо внимание на своето семејство“, вели Луис.

 

„Во моментов немам одговор на прашањето кој може да го замени, бидејќи тој е одличен лидер на тимот. Со сигурност знам дека нема да стави човек кој нема да може да се справи со тешката задача. Тој нема да дозволи Mercedes да страда и ќе ја најде вистинската личност. Во моментов сакам да уживам во победата и седмата конструкторска титула“.

Следната трка е Големата награда на Турција за две недели.