Formula 1 болидот на Red Bull Racing во септември по улиците на Белград / ФОТО
Formula 1 повторно се враќа во соседна Србија, по веќе малку подзаборавената 1939 година, кога трката за Големата награда на Белград била дел од календарот на елитниот автомобилски Гран-при шампионат во тоа време, односно предвесник на модерните натпреварувања во Formula 1
фото: Предраг Вучковиќ
„Враќањето на Formula 1“ во главниот град на Србија ќе се случи на 17 септември благодарение на тимот Red Bull Racing, моментално лидер во конкуренција на конструктори во тековната Formula 1 сезона.
На улиците во Белград ќе излезе болидот RB7 од шампионската 2011 година, во кој Себастијан Фетел ја освои својата втора шампионска титула.
Зад воланот ќе биде Дејвид Култхард, победник на 13 трки во Formula 1 и возач кој во својата богата кариера 62 пати стигнал до подиумот. Искусниот Шкотланѓанец може да се пофали дека го има обезбедено првиот подиум за Red Bull Racing во историјата на тимот во 2006 година во Монте Карло, а денес учествува во бројни Red Bull Show Run автомобилски спектакли, кои досега ги посетиле Далас, Мексико Сити, Белфаст, Копенхаген и многу други светски локации.
„Ќе приредиме навистина фантастично шоу кое ќе вреди да се види во живо“, најави Култхард пред неговото пристигнување во Белград, кој секако ќе ги израдува собраните фанови на Formula 1 со своите вештини.
Освен во Formula 1, насобраните фанови ќе можат да уживаат и во други автомобилски атракции, меѓу кои и дрифт шоу на познатиот германски тим Red Bull Drift Brothers, како и акробации на мото асот од Литванија, Арунас Гибиежа.
Извор: нова.рс