Ford Motor и групата Volkswagen формираа алијанса која подразбира здружување на силите во сферата на комерцијалните и пикап возила

Покрај ова, двете страни ќе истражуваат можности за соработка во развојот на електрични погони и автономни возни системи што би заштедило милијарди долари.

Партнерството, кое стартува со продажба на ванови и средно големи пикап возила, нема да вклучува спојување на иста основа, се вели во соопштението од двете компании. Алијансата ќе биде раководена од заедничка комисија, во која се вклучени и генералните директори.

„Потезите што ќе ги преземеме во рамките на Алијансата може да влијаат на голем број бизнис планови за клучните региони. Едвај чекаме да почнеме да ви откриваме детали во следните неколку недели“, рече шефот на Ford, Џим Хакет, во писмото до своите вработени.

Ford ќе биде одговорен за инженеринг и производство на камионети со средна големина за двете компании, за кои се очекува во производство да влезат во почетокот на 2022година. Ford исто така, ќе ги произведува поголемите комерцијални возила за европскиот пазар, а Volkswagen ќе развива и произведува урбани карго ван модели.

Компаниите проценуваат дека оваа соработка ќе придонесе за подобри финансиски резултати почнувајќи од 2023 година.

Ford и VW котираат многу добро на полето на комерцијални и пикап возила. Ford е познат по своите Transit ван и Ranger камионетот, а Volkswagen по Transporter, Caddy и Amarok. Волуменот на производство на возила од овој сегмент на глобално ниво изнесувал околу 1,2 милиони единици.

Покрај соработката во сферата на комерцијалните и пикап возила, Ford и VW потпишале и меморандум за разбирање за заеднички развој на електрични и автономни возила, вели извршниот директор на Volkswagen Херберт Дис.

Детали за ова не се објавени, но соработка може да значи дека Ford би ја користел MEB платформа на Volkswagen за електрични возила, а германската компанија би инвестирала во работата на Ford во врска со автономните возила. Во Ford очекуваат да лансираат и пуштат во продажба автономни возила до 2021 година, до кога ќе биде подготвена новата архитектура, специјално дизајнирана за автономни возила.

Партнерството меѓу Ford и Volkswagen во фокусот го става растечкиот притисок врз глобалните производители, кои се принудени да ги регулираат трошоците поврзани со развојот на електрични и автономни возила, како и оние поврзани со технологијата за намалување на флотната емисија на штетни гасови кај конвенционалните возила.