Ford го претстави најекстремниот GT модел во историјата, развива повеќе од 800 КС / ФОТО
Ford го остави најдоброто за крај и ја претстави најекстремната верзија на моделот GT во историјата
Во минатото имаше неколку специјални верзии на суперавтомобилот, на кои сега им се приклучува новиот Mk IV, кој наликува на истоимениот тркачки автомобил од 1967 година и служи како последен GT фокусиран исклучиво на тркачките патеки. Овој модел му оддава почит на својот предок кој победил на 24 часа Ле Ман, а производството ќе биде ограничено на 67 примероци. Секој од нив ќе биде рачно изработен во објектот на Multimatic во Маркам, Онтарио.
Ford GT Mk IV (2023) следи по GT LM Edition кој беше претставен на почетокот на октомври како последна патна верзија на суперавтомобилот. И додека тој модел развива „само“ 660 КС, новиот испорачува повеќе од 800 КС. Ford споменува „уникатен EcoBoost твин-турбо мотор“, но не наведува јасно дека се базира на истиот 3,5-литарски V6 мотор. Сепак, познато е дека волуменот е поголем, но се уште се чекаат официјални детали.
Покрај зголемувањето на моќноста, новиот GT Mk IV добил и поинаква шасија поради издолжувањето на меѓуоскиното растојание за да се подобри управувањето. Суперавтомобилот на Ford добил тркачки менувач, суспензија Multimatic Adaptive Spool Valve (ASV) и редизајнирана каросерија за подобра аеродинамика. Бидејќи автомобилот не ги исполнува патните прописи, инженерите имаа поголема слобода при развојот.
Предните светла се поедноставени, нема странични ретровизори, каросеријата е поширока и содржи екстремни аеродинамични компоненти како огромно задно крило и дифузор. Тука е и карбон вентилацискиот отвор на покривот, предните крила и огромен сплитер. Страничните доводи за воздух изгледаат поголеми, а причината е веројатно поголемата потреба за ладење на помоќниот мотор.
Заинтересираните купувачи мора да поминат низ процес на аплицирање и да подготват 1,7 милиони долари, а Ford ќе ги избере среќните „добитници“ во првиот квартал од следната година.
Испораките започнуваат кон крајот на пролетта.