Легендарниот седумкратен шампион во Formula 1, Михаел Шумахер, во четвртокот наполни 50 години, а во име на јубилејот, Ferrari отвори специјална изложба во својот музеј во Маранело

Наречена Michael 50, изложбата дава подлабок увид во исклучително успешната Formula 1 кариера на Шумахер, за време на која има освоено 68 пол позиции, 91 победа и 155 подиуми.

Највпечатлив дел од изложбата е „Победничката сала“ во која се изложени неколкуте автомобили на Ferrari, кои ги возеше Шумахер во текот на годините на доминација.

Тука се, меѓу другите, F310 од 1996 година со кој има остварено три победи, потоа F399 со кој Ferrari ја има освоено конструкторската титула во 1999 година, па F1-2000, во кој Шумахер ја освои првата од петте последователни титули со италијанскиот тим.

Изложени се и F2002, F2004, потоа 238 F1 од 2006 година, болидот со кој Шумахер ја има последната 72-ра победа, како и последна победа на Ferrari на Големата награда на Кина.

Покрај Formula 1 болидите, изложбата вклучува и патнички модели како 430 Scuderia и California, два автомобили на Ferrari во чиј развој свое учество има легендарниот Германец.