Ferrari годинава ќе претстави два нови модели
И покрај постоечката пандемија на коронавирус Ferrari до крајот на 2020 година ќе лансира два автомобили
Италијанскиот производител на суперавтомобили е решен да го оствари својот план за пласирање на нови модели. Во 2019 година видовме дури пет новитети од најпознатата светска „штала“.
Оваа година сепак ќе биде многу потивко во овој поглед, бидејќи ќе видиме само два нови автомобили на Ferrari. Оваа одлука е целосно логична, бидејќи е неопходно да се консолидира продажбата по минатогодишните пет премиери, а запирањето на производството во Маранело не придонесува за тоа.
Производството во Ferrari би требало да започне во наредните денови, но прашање е со кое темпо на работа поради постојните ограничувања за социјална дистанца.
Што точно ќе претстави Ferrari годинава, засега останува мистерија. Еден од првите луѓе на италијанскиот бренд, Енрико Галијера, само потврдува дека планот за двете премиери останува, но без збор околу тоа што може да очекуваме.
Галијера тврди дека Ferrari е „заинтересиран за сите сегменти“.
„Можеме да понудиме автомобил во која било класа. Но, потребно е тој да биде спортски модел, затоа што се занимаваме исклучиво со вакви возила“, вели Галијери.
Кога станува збор за долгоочекуваниот SUV модел од Scuderia по име Purosangue, Галијера вели дека нема да има промена во тој план, што значи дека ќе го видиме дури во 2022 година.