Фернандо Алонсо дефинитивно во Indy 500 следната година!
Двократниот Formula 1 шампион Фернандо Алонсо во 2019 година ќе се натпреварува на трката Indy 500
Алонсо и на оваа трка ќе вози за McLaren, а многумина веројатно се прашуваат зошто токму Indy 500? Причината е едноставна, Indy 500, ГН на Монако во Formula 1 шампионатот и трката 24 часа Ле Ман се сметаат за „Свето Тројство“ во тркачкиот спорт. Шпанецот веќе два пати го има освоено Монако, на Ле Ман триумфираше минатата година, така да му останува да победи уште на трката во Индијанаполис.
Шпанскиот ас својот прв обид во Indy 500 го имаше во 2017 година, кога дури и ја имаше водечката позиција неколку круга, но поради механички проблеми мораше да се повлече од трката.
„И тогаш истакнав дека сакам да победам, а тоа го посакувам и денес“, изјави Алонсо на прес-конференцијата по повод објавата.
Иако пред само месец дена се чинеше дека McLaren нема да се согласи да учествува во трката во Индијанаполис, сега имаме комплетен пресврт, па така Шпанецот повторно ќе се најде во портокаловиот болид. Зошто британскиот производител одлучил да учествува сеуште не е јасно. Алонсо има многу силен договор во финансиска смисла со McLaren, а тука се и неколкуте ужасни години за тимот во Formula 1, која требаше да послужи како основа за маркетингот на брендот. Се разбира, на крајот тука е и големиот предизвик.
Ако Алонсо победи во Индијанаполис, тоа би бил огромен успех за Шпанецот, но и ветер во грб за McLaren, особено во поглед на маркетингот.