F1 ќе ги тестира вработените на COVID-19 на секои два дена
Персоналот во Formula 1, кој ќе присуствува на трките оваа година, кога и да започнат, ќе бидат тестирани за коронавирус на секои два дена
Првите луѓе на Formula 1 планираат сезоната да започне на почетокот од јули во Австрија, откако првите десет трки сезонава беа откажани поради пандемијата на коронавирус. Рос Браун открива уште неколку детали во врска со протоколите кои ќе бидат воведени за да има безбедно тркање.
„FIA прави одлична работа во составување на потребната структура. Секој ќе биде тестиран и сите ќе треба да бидат здрави пред да бидат пуштени во боксовите“, изјави Браун за Sky Sports F1. „Секој во боксовите ќе биде тестиран на секои два дена во склад со прописите. Овој систем планираме да го задржиме барем за сите европски трки. Сите тестирања ќе бидат направени во исти простории. Можеме да гарантираме дека сите во околината ќе бидат редовно тестирани“.
Браун вели дека е невозможно да се практикуваат мерки за социјална дистанца во рамките на тимовите, така што ќе биде неопходно да се воведе ограничување на движењето помеѓу тимовите.
„Ќе воведеме ограничувања за луѓето во однос на движењето помеѓу боксовите, бидејќи дистанцирањето во тимовоте не е можно“, продолжува тој. „Тимовите ќе мора да бидат во рамки на своите групи, нема да се мешаат со другите. Тие ќе бидат во своите хотели и ќе ги почитуваме сите неопходни мерки. Има огромна количина на работа што FIA и ние мора да ја сработиме. Јас сум многу возбуден од она што го гледам и она што го слушам и мислам дека ќе можеме да обезбедиме безбедно опкружување за сите“.