Европските автомобилски производители имаат милијарди причини да стравуваат од ескалација на конфликтот во Украина и санкциите кон Русија!
Францускиот Renault го поседува најголемиот руски производител на автомобили, Avtovaz, со голема фабрика во Тољати
Togliatti – Renault Group
Дипломатско-воените акробации на Русија со Украина го држат целиот свет во тензија (не е наше да судиме дали кој е во право, а кој не), а како резултат воведени се и првите санкции, главно против банкарскиот сектор и по некој олигарх тесно поврзан со премиерот Путин. Сигурно дека поради замрзнувањето на нивните бизниси и сметки нема да им биде сеедно, но сигурно нема да останат да просат. Генерално, ескалацијата на конфликтот никому не му одговара, дури ни на самите Руси, кои живеат од извозот на гас и нафта. Европските производители на автомобили пак имаат свои интереси затоа што инвестирале милијарди евра во Русија, а дел од возилата од фабриките на исток одат на запад, односно Германија, Франција…
Европските производители на автомобили имаат големо присуство во Русија. Volkswagen, Stellantis, Renault и Mercedes-Benz имаат фабрики во земјата, додека BMW таму произведува автомобили преку рускиот партнер Avtotor. Францускиот Renault е сопственик на најголемиот руски производител на автомобили, Avtovaz, со голема фабрика во Тољати. Со Lada, Renault има големи планови и во Европа. Stellantis планира да увезува комерцијални возила Peugeot, Opel и Citroen од својата фабрика во Калуга за да ја задоволи зголемената европска побарувачка за услуги за испорака. Италијанскиот производител на гуми Pirelli, кој е во кинеска сопственост, работи со две фабрики во кои работат околу 2.500 луѓе во Русија, произведувајќи гуми за домашниот пазар, но и за извоз. Од 2006 до 2021 година Volkswagen има инвестирано две милијарди евра во фабриките во Русија, а само за онаа во Калуга има издвоено една милијарда евра…