Европската комисија недела го изгласа извештајот за манипулации со километражата во продажбата на користени автомобили во кој се предлагаат законски и други решенија за спречување на оваа широко распространета практика

Еден од предлозите е овој вид на измама да се одреде како кривично дело во Европската унија.

Според истражувањата, во ЕУ помеѓу 5-12% од користени автомобили се предмет на „враќање“ на километражата, додека вон границите на ЕУ овој процент е над 50%.

Се проценува дека манипулацијата со километражата кај користените автомобили ЕУ ја чини 5,6-9,6 милијарди евра годишно, што во „синџирот“ ги плаќаат сите, од клиенти, преку трговци до осигурување и самиот производител.

Купувачите не само што плаќаат повеќе пари отколку што вредат овие автомобили, туку брзо им растат трошоците за сервис и одржување, а таквите возила се помалку сигурни на патиштата и повеќе загадуваат.

Европскиот парламент побара построги мерки за намалување на процентот на манипулации и даде серија на препораки кои треба да ја намалат штетата во оваа гранка од економијата.

Една од тие мерки е европска база на податоци кој собира информации за километража на возилата, со редовно читање на истата при техничките прегледи и интеграција на подобри технички решенија од страна на производителите, како подобрување на криптографската заштитата на бројачот на километража и развој на систем за препознавање на манипулацијата.

Парламентот, меѓу другото, од земјите-членки побара овие измами да ги третираат како кривично дело и за лицето кое побарало промена во состојбата на бројачот и за лицето кое ја прави промената.

Белгија и Холандија имаат воспоставено база на податоци во која се чуваат податоци за километражата од преиодните технички прегледи, одржување и други сервисни прегледи, па овие две земји речиси целосно успеале во сузбивањето на овој вид на измама.

Секако, најголем проблем е прекуграничната измама, а Европскиот парламент бара слично решение да се преслика на целиот континент, бидејќи самостојни национални иницијативи не можат да ја спречат оваа измама.