На крајот од 2017 година, по патиштата низ целиот свет се нашле над 3 милиони електрични и plug-in хибридни автомобили, објави Меѓународната агенција за енергија (IEA) во својот годишен извештај

Ова е зголемување од 54 отсто во споредба со 2016 година, кога имало околу 2 милиони возила во светот, чии погонски батерии може да се надополнуваат од надворешни извори на енергија преку кабел.

За овој голем глобален раст, најголема заслуга има Кина, каде што само во изминатата година се продадени 580.000 електрични (EV) и plug-in хибридни (PHEV) автомобили

Бројот на електрифицирани возила, исто така, значително е зголемен и во САД, каде што во 2017 година околу 280.000 EV и PHEV возила биле доставени до своите потрошувачи.

Интересно, иако растот на продажбата на електрифицирани автомобили во моментов е највисок во Кина и во САД, најголем удел на пазарот на овој тип на возила има во некои европски пазари, како Норвешка (39%) и Исланд (12%).

Кина не е само светски лидер во продажбата на електрични автомобили, туку има значително зголемување и на електричните автобуси и електричните возила на две тркала.

Следстено со зголемувањето на бројот на електрифицирани автомобили во светот се зголемува и бројот на полначи, што, приватни, што за домашна употреба и бизниси, како и јавни станици.

Во 2017 година, инсталирани се околу 3 милиони полначи во приватни домови и комерцијални објекти и околу 430.000 јавно достапни. Сепак, само 25% од јавните полначи во светот се т.н. брзи полначи, каде возачите можат да ги полнат батериите од своите електрични автомобили за релативно кратко време (до 80%).

Според ИЕА, побарувачката за електрифицирани возила и во иднина ќе се зголемува.

Агенцијата предвидува дека на патиштата во светот во 2030 година може да има околу 125 милиони EV и PHEV возила, ако сегашните трендови и најавни планови на автомобилските компании и други субјекти кои се вклучени во развојот на електрифицирани автомобили, батерии и инфраструктура се спроведат.