Стартап компанија настаната од MIT Media Lab развива технологија која ќе го следи однесувањето на возачите во автомобилите – на уморните возачи технологијата ќе им предложи застанување и кафе пауза, а на лутите возачи ќе им пушта класична музика

Изминатите години технологијата во голема мера го промени автомобилскиот пазар и овозможи некои работи кои до пред извесно време беа само сон. Денес, се повеќе компании не само што ја користат технологијата за подобрување на своите автомобили и нивните можности, туку сакаат да ја подобрат и безбедноста, а тргнуваат од главната причина за најголемиот број на несреќи – луѓето, односно возачите.

Сосема е јасно каква опасност е алкохолизиран човек зад воланот, но исто така голема опасност се и уморните возачи, како и лицата кои се под голем стрес, а и оние кои поминуваат повеќе време со телефонот во раце, наместо со управувачот во нив. Volvo неодамна најави систем од камери и сензори кои ќе ги следат возачите и нивната психофизичка состојба по што ако има потреба ќе ги предупреди, дури и ќе го запре возилото доколку регистрира алкохол, умор или деконцентрираност кај возачот.

Слични планови, како Volvo има и стартапот Affectiva настанат од MIT Media Lab – оваа компанија развива технологија за препознавање на емоциите и однесувањето на возачот. Во моментов спроведуваат програма за следење на емоционалната состојба на возачот и за одредена сума на пари, возачи во своите автомобили поставиле камери и сензори кои го следат нивното однесување зад воланот. Возачите, се разбира, свесни за камерите, на почетокот биле претпазливи однесувајќи се внимателно, но брзо се навикнале на камерите и сензорите и заборавиле дека се следени и снимени.

Благодарение на оваа програма, компанијата има собрано многу податоци за однесувањето на возачите, како што се изрази на лицето, начинот на зборување и слично, по што овие податоци се обработени од страна на експерти и поврзани со одредени емоции. Следниот чекор бил тренинг на алгоритамот со цел да се препознае кој израз, движење или тон на гласот може да се поврзе со одредена емоционална состојба – благодарение на сето тоа, системот денес може да препознае кога возачот е гневен, уморен, тажен и слично.

Откако ќе ја препознае состојбата на возачот, системот може да реагира соодветно на емоционалната состојба – на уморните возачи може да им предложи одмор во најблиското кафуле, а на лутите и бесни возачи може да им пушти класична музика за малку да се смират.

Се разбира, во овој случај, како и со технологија на Volvo, се поставува прашањето за приватност, бидејќи возачите постојано некој ги надгледува и следи. Поради овие причини од Affectivе сметаат дека уште сега е важно да се започне со отворен дијалог и дискусија со цел заеднички да се најде заедничко решение за рамнотежа помеѓу употребата на технологијата која би можела да спаси животи и приватноста на корисниците.