Енди Палмер повеќе не е прв човек на Aston Martin?!
Тој ќе биде заменет од досегашниот прв човек на Mercedes AMG, Тобијас Моерс
Aston Martin наводно веќе донел одлука за нов шеф на компанијата, но истата официјално треба биде објавена во вторник, пишува The Guardian.
Ова е уште еден во низата потреси во британскиот производител на луксузни спортски автомобили, откако вредноста на компанијата падна од над 4 милијарди фунти, на само 562 милиони фунти во петокот.
Енди Палмер на местото прв човек на Aston Martin беше поставен во 2014 година, а претходно беше на раководни позиции во Nissan и Infiniti. Една од неговите први задачи по пристигнувањето во британската компанија беше реализирање на првиот теренец на Aston Martin, моделот DBX, а потоа развој на уште три нови модели – Valkyrie, Valhalla и Vanquish.
Како и да е, компанијата постепено почна да паѓа во криза, а вредноста на акциите почна да опаѓа уште од октомври 2018 година (£19 по акција) за да нивната вредност во петокот (35p по акција) ја намали вредноста на компанијата на само 562 милиони фунти
Aston Martin на почетокот на овој месец објави дека поради пандемијата на коронавирусот во првиот квартал од 2020 година претрпел деловни загуби од 119 милиони фунти. Компанијата во тој период продала само 578 возила, со пад на продажбата од дури 45% во однос на првиот квартал од 2019 година.
Тобијас Моерс, кој ќе го замени Палмер како прв човек на Aston Martin, е на чело на Mercedes AMG од 2013 година, а за време на неговиот мандат, Mercedes AMG го лансираше хиперспортскиот модел „One“, базиран на погонската технологија од Formula 1.
Извор: The Guardian