Електрифицираните возила чинат 43 отсто од продажбата во третиот квартал во ЕУ
Електричните автомобили и хибридите сочинуваат речиси половина од продажбата на нови автомобили во третиот квартал од 2022 година во ЕУ
Чисто електричните и хибридните возила учествуваат со 43 отсто од вкупната продажба во Европската унија во третиот квартал, покажуваат податоците на ACEA.
Минатата година, чисто електричните возила, plug-in хибридите и конвенционалните хибриди учествувале со помалку од 40 проценти од вкупната продажба во истиот временски период.
Продажбата на чисто електрични модели е зголемена за 22 отсто во споредба со третиот квартал од 2021 година.
Како потсетување, ЕУ ја поддржа забраната за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување почнувајќи од 2035 година, така што на крајот сите автомобили треба да бидат со нулта емисија.
Националните и локалните власти ги повлекуваат субвенциите и стимулациите за купување на plug-in хибриди, ставајќи го акцентот на чисто електрични автомобили.
Продажбата на plug-in хибриди во третиот квартал е падната за шест отсто. Што се однесува до возилата на бензин, нивниот пласман е помал за 3,3 отсто, но сепак тие се најпопуларна опција во ЕУ со 38 отсто од вкупната продажба. Кога станува збор за дизелите, продажбата бележи пад од 4,7 отсто, па нивниот удел на пазарот е 17 отсто.
Не толку одамна, во 2015 година, дизел возилата сочинуваа 52 отсто од продажбата на автомобили во ЕУ. Сепак, по дизел скандалот на групацијата VW, нивната популарност почна нагло да опаѓа.
Повеќе податоци и статистика за продажбата на нови автомобили во ЕУ на следниот линк.