Ова е основната порака на писмото од неколку британски научници испратено до Комитетот за климатски промени предупредувајќи на штетното влијание на електричните автомобили

Во своето писмо, тие посочуваат дека доколку Велика Британија моментално ги замени сите 31,5 милиони автомобили на патиштата со електрични верзии, тогаш само за нив ќе биде потребна двојно поголема количина на кобалт отколку што е моменталното годишно производство на глобално ниво.

Интересно е тоа што истражувачите се држеле до тековната технологија за батерии наречена 811 – 80% никел, 10% кобалт и 10% манган. Според нивната пресметка, ако целосно се прејде на електрични автомобили, како што е планот на британската влада, само Обединетото Кралство би го потрошило глобалното годишно производство од неодимиум, 3/4 од светското производство на литиум и најмалку половина од светското производство на бакар.

Според тим од осум научници, меѓу кои и професор Ричард Херингтон, раководител на Одделот за геологија во Природонаучниот музеј во Лондон, ако Велика Британија моментално ги замени сите автомобили со електрични модели тоа во бројки би изгледало 207.900 тони на кобалт, 264.600 тони литиум карбонат и најмалку 7.200 тони неодимиум и диспрозиум, како и 2.362.500 тони бакар.

Професорот Херингтон вели дека Британците купуваат 2,5 милиони нови автомобили секоја година. Ако сите овие автомобили би биле електрични, тогаш за потребите на британскиот пазар на автомобили би била потрошена истата количина на кобалт која сега годишно ја троши целата ЕУ индустрија. Научниците предупредуваат дека таквата конзумација на кобалт ќе предизвика вистинска еколошка катастрофа кога станува збор за неговото ископување.

Научниците се загрижени и за потрошувачката на енергија потребна за ископување на потребните материјали за електрични автомобили. Нивната проценка е дека ископувањето на металот само за батерии би „чинело“ 22,5 TWh (терават часови), што е околу 6% од вкупната електрична енергија произведена од страна на Велика Британија на годишно ниво.

Следно, се истакнува и невозможноста за полнење на толкав број електрични автомобили поради недостаток на електрична енергија. Проценките на научниците се дека на електричните автомобили во Британија би им требало 63 TWh електрична енергија годишно, што претставува 20% повеќе во однос на производството денес.

Со цел разликата во енергијата да биде еколошки прифатлива потребно е свртување кон изворите на обновлива енергија, како што се на пример ветерниците. Со цел турбините на ветер да ја надоместат потребната електрична енергија, треба да се направат уште 6.000 турбини, што е огромна задача сама по себе.

Професорот Херингтон истакнува дека е сосема јасно дека емисиите мора да се намалат, но притоа треба да се разбере дека преминот кон алтернативни горива не е без цена, односно потребно е време целото општество да се прилагоди на новата реалност, а тоа е дека транзицијата кон „зелена“ економија чини многу.