Електричниот Volkswagen Golf наскоро ќе биде најавен со концепт
Volkswagen e со намера наскоро да претстави концепт кој ќе го најави доаѓањето на целосно електричниот модел Golf, а нешто подоцна и неговата помоќна GTI верзија.
По 14 години на врвот на листата на најпродавани автомобили во Европа, Volkswagen Golf го загуби тронот од суперминито Peugeot 208 во 2022 година. Всушност, компактниот автомобил од Волфсбург не стигна ни на подиумот бидејќи прифатливата Dacia Sandero годината ја заврши на втората позиција според број на продадени единици, а кросоверот T-Roc на Volkswagen го зазеде третото место. Малиот Fiat/Abarth 500 се најде на четвртото место „тесно“ пред Golf.
Со цел да се подобри продажбата, Volkswagen работи на освежена верзија на осмата генерација на Golf, која ќе се појави во продажба во 2024 година. Во меѓувреме, се шпекулира дека германскиот гигант размислува за иднината и дека подготвува популарно име за неизбежната електрична иднина. Autocar пишува дека концептниот ID. Life претставен на саемот во Минхен во 2021 година е „мртов“, но дека новиот концепт ќе биде претставен во март.
Овој концепт ќе навести нов електричен автомобил кој ќе биде сериски модел за 2025 година, а исто така ќе стане првиот автомобил од групацијата Volkswagen кој ќе ја користи платформата MEB-Plus развиена за погон на предните тркала. Се верува дека платформата поддржува два електрични мотори потребни за моделите со погон на четири тркала. Британскиот магазин концептот го нарекува модел ID.2, но упатените тврдат дека патниот автомобил всушност ќе се вика Golf.
Во однос на димензиите, автомобилот ќе биде подолг од Polo, но пократок од конвенционалниот Golf со должина од околу 4.250 mm. Посебната платформа за електричен автомобил ќе резултира со краток превес за да се максимизира меѓуоскиното растојание и да се овозможи внатрешниот простор што го нуди Golf. Се очекува автомобилот да тежи меѓу 1.600 и 1.700 килограми, а ќе добие и верзија GTI.
Изворот на Autocar од компанијата открива дека е донесена одлука да се напушти суфиксот GTX, кој моментално се користи за поспортските верзии на моделите ID.4 и ID.5. Се очекува патот да го следат и моќ хечбек ID.3 и комбе со високи перформанси ID. Buzz.
Новиот електричен концепт кој го најавува електричниот GTI би можеле да го видиме најрано во мај, а доколку тоа не се случи, тогаш премиерата е можна во септември.
Иако Golf, базиран на платформата MQB и со конвенционални мотори, се произведува во Волфсбург, електричниот модел ќе го произведува SEAT во фабриката во Марторел во Шпанија. Тоа е фабриката каде ќе се произведува и Cupra Urban Rebel. Škoda исто така ќе добие своја верзија на мал електричен автомобил.
Доколку информацијата е точна, тоа значи дека осмата генерација Golf мирно ќе коегзистира со својот електричен „братучед“ неколку години. Со оглед на доаѓањето на редизајниран модел базиран на платформата MQB во текот на 2024 година, тоа значи дека VW има намера да го продава најмалку до 2027 или 2028 година. На крајот, компанијата ќе биде принудена да ги испрати верзиите со бензин и дизел во историјата, бидејќи Европската унија гласаше да се забрани продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година.