Електричниот камион на Tesla ќе се вози и низ Европа
Американскиот производител на електрични возила отвори книга за нарачки за својот електричен камион-влекач во најмалку три европски земји
Tesla веќе им овозможи на потенцијалните купувачи во Норвешка, Холандија и Велика Британија да го капарисаат електричниот Semi, кој веќе го има првиот клиент на Стариот континент. Станува збор за норвешката компанија Asko која резервирала 10 возила, но објави дека сака да добие детални информации за електричниот камион на Tesla пред да ја потврди нарачката.
Tesla веќе добива големи нарачки од купувачите во САД, а најголемата поединечна резервација е 125 возила направена од UPS (United Parcel Service), пред компанијата Pepsi која има нарачано 100 камиони. Првите испораки на американските потрошувачи се закажани за 2019 година.
Што се однесува до европската верзија на Tesla Semi, таа до првите сопственици треба да пристигне нешто подоцна.
Основната верзија на електричниот камион Tesla има автономија од 480 километри и чини 150.000 долари. За оние на кои им треба камион за подолги дестинации, тука е Tesla Semi верзијата со автономија од 800 километри но за цена од 180.000 долари.
За да се резервира основниот модел, клиентите во САД мора да платат депозит од 20.000 долари.