На интернет се појавија првите официјални слики од новиот електричен модел на Kia

Станува збор за електричен кросовер наречен EV6, во согласност со новата едноставна стратегија за номенклатурата на марката. Поточно, секоја електрична Kia ќе усвои префикс ЕВ и број што одговара на големината.

Покрај тоа што новиот модел го стартува новото именување, EV6 ќе го користи и новото лого на компанијата, претставено на почетокот на оваа година. Корејскиот бренд најавува дека ќе го насочи фокусот кон електричните возила, од кои седум ќе бидат лансирани до 2027 година .

EV6 ќе биде првиот модел на Kia кој ќе ја користи новата платформа E-GMP, која е основа и за неодамна претставениот електричен кросовер Ioniq 5. Опремен со функционалност за полнење од 800V и лесни батерии (до 72,6 kWh), оваа модуларна архитектура нуди максимален дострел од повеќе од 500 километри.

Во внатрешноста на Kia EV6 се истакнуваат новиот Audio Visual & Navigation  (AVN) екран, тенките и лесни предни седишта, како и елементите изработени од рециклирана пластика.

„EV6 ја отелотворува целта на нашиот бренд, „инспиративното движење“, како и нашата нова филозофија на дизајнот, вели Карим Хабиб, раководител на Kia Global Design Center. „Тој е дизајниран да го инспирира секое патување, нудејќи инстинктивно и природно искуство што го подобрува секојдневниот живот на нашите клиенти и обезбедува сопственичко искуство, едноставно, интуитивно и интегрирано“.

Премиерата на Kia EV6 во Европа се очекува наскоро, па повеќе информации допрва следуваат.