Електрична мобилност за 25.000 евра: Светска премиера за Volkswagen ID. 2all / ФОТО+ВИДЕО
Идниот сериски електричен модел ID.2 ќе биде простран како Golf, ќе има цена како Polo, а ќе има опсег од 450 километри
Volkswagen штотуку влезе во нова фаза од својата успешна електрична ID приказна, сега можеби и нејзиниот најинтересен дел. Volkswagen го претстави концептниот модел ID. 2all како прв поглед на новиот, покомпактен, целосно електричен модел кој ќе чини помалку од 25.000 евра. Оттука и згодната игра на зборови во името „2all“ што може да се чита како „to all“ или „за сите“.
Споделувајќи ги дизајнерските линии со поголемите ID модели, концептот има погон на предните тркала, опсег до 450 километри, иновативни технолошки карактеристики како што се Travel Assist, IQ.LIGHT, Electric Vehicle Route Planner и новиот дизајнерски јазик на Volkswagen. Кога продукциската верзија ќе пристигне во продажните салони во 2025 година, таа ќе се базира на адаптирана, добро позната платформа MEB со додаток наречен „Entry“.
„Ние ја трансформираме компанијата брзо и темелно со јасна цел да го направиме Volkswagen вистински бренд на љубов и ID. 2all покажува каде сакаме да го однесеме нашиот бренд. Сакаме да бидеме блиску до купувачите и да понудиме врвна технологија во комбинација со фантастичен дизајн. Се трансформираме со брзо темпо за да им донесеме електрична мобилност на масите“, вели Томас Шефер, извршен директор на Volkswagen Passenger Cars
Интересно, првата генерација на VW Golf пристигна со истата порака и истата првична идеја, сега веќе далечната 1974 година. Следната година, кога ќе биде претставен новиот сериски ID.2, ќе се одбележат точно 50 години помеѓу овие два компактни модели со кои Volkswagen имаше идеја за „народна“ мобилност за не премногу пари.
„Ние ги носиме типичните доблести на Volkswagen во новиот свет на мобилност: врвен квалитет и изработка, извонреден софтвер и дигитални услуги со вистински додадени вредност. Фокусот овде е секогаш на потребите и барањата на нашите клиенти“, изјави на презентацијата на концептот Имелда Лабе, член на Одборот на директори на брендот одговорна за продажба, маркетинг и постпродажба.
Концептниот ID. 2all е првиот модел на платформата MEB за електрични модели со погон на предните тркала, со што е искористена големата флексибилност што ја нуди. Со ова, на платформата MEB Entry, VW поставува нови стандарди во однос на технологијата и секојдневната употребливост.
Понатаму, VW ID. 2all е опремен со особено ефикасен погон, батерија и технологија за полнење: ќе има моќен електричен мотор од 166 kW/226 КС и опсег од 450 километри со едно полнење според WLTP.
Volkswagen, исто така, повторно става поголем фокус на дизајнот.
„ID. 2all дава преглед на новиот дизајнерски јазик на Volkswagen, заснован на три столба – стабилност, допадливост и ентузијазам“, вели Андреас Минд, раководител на одделот Дизајн за патнички автомобили на Volkswagen.
Еден впечатлив елемент на овој нов дизајнерски јазик е дизајнот на задниот носач на покривот, како во првата (и сите други генерации) на Golf, а ID. 2all е првиот Volkswagen со нова интерпретација на овој „потпис“.
Други дизајнерски карактеристики на концептниот автомобил вклучуваат каросерија со јасен и цврст став, пријателско лице, добра динамика и безвременски стил.
Внатрешноста исто така има јасен дизајн и се карактеризира со висококвалитетен изглед, лесно разбирлив инфозабавен систем со класична контрола на јачината на звукот и посебна единица за климатизација. Волуменот на багажникот е дарежлив од 490 до 1330 литри, што е вредност што ги надминува оние од повисоките класи на возила.
Општо земено, производната верзија на ID. 2all е еден од десетте нови електрични модели кои Volkswagen ќе ги лансира до 2026 година, а веќе оваа година пристигнуваат веќе претставениот освежен ID.3, ID. Buzz со долго меѓуоскино растојание и лимузината ID.7.
Потоа, во 2026 година ќе следи компактен електричен теренец, а покрај сите предизвици, Volkswagen работи и на уште еден електричен автомобил по цена пониска од 20.000 евра. Ова ќе му даде на германскиот производител на автомобили најширок избор на електрични возила во споредба со неговата конкуренција, а компанијата има за цел да постигне 80 отсто удел во пазарот на електрични автомобили во Европа.
Технички податоци / ID. 2all | |
Платформа | MEB Entry, преден погон |
Моќност | 166 kW / 226 КС |
Опсег | 450 km (WLTP) |
Време на полнење | 10 до 80% просечно за 20 мин. |
0–100 km/h | < 7 сек. |
Максимална брзина | 160 km/h |
Должина | 4.050 mm |
Ширина | 1.812 mm |
Висина | 1.530 mm |
Меѓуоскино растојание | 2.600 mm |
Волумен на багажникот | 490 до 1,330 лит. |
Тркала | 225/40 R20 |