По двојната победа на Ferrari минатиот викенд во Бахреин, Карлос Саинц и Шарл Леклер, во Фиорано го угостија Златан Ибрахимовиќ

Златан Ибрахимовиќ освен што е познат фудбалер и на свои 40 години се уште е шведски репрезентативец и играч на Милан, надалеку е познат и како љубител на спортските автомобили, особено на моделите на Ferrari.

Ги има неколку, а последен во колекцијата е фантастичниот хибриден хиперавтомобил SF90 Spider со 1000 КС со златна боја, кој си го подари за својот 40-ти роденден во октомври минатата година.

Дека Златан е посакуван гостин и почитуван клиент на кого луѓето од Маранело се спремни да му ги резервираат најпосебните и најретки модели од својата ергела потврдуваат и овие фотографии и видеа кои фудбалерот и Ferrari ги објавија на Instagram профилите.

Љубовта меѓу Ferrari и шведската фудбалска ѕвезда со балканско потекло очигледно е толку силна што може да се каже дека фудбалерот на некој начин стана еден вид неофицијален амбасадор на брендот.

Во изминатиот период напаѓачот ги посетил погоните на компанијата во Фиорино, каде на патеката се дружел со Карлос Саинц и Шарл Леклерк.

Притоа, на патеката ги тестирале перформансите на најновиот хибриден модел 296 GTB. Секако, како што може да се види во краткото видео, на патеката имало забава и смеа, како и зезање со фудбалка топка и „палење“ гуми, а Шарл Леклер потоа му приредил обиколка на Швеѓанецот откривајќи му ги сите тајни кои Ferrari ги „крие“ во Фиорано, вклучително и колекцијата на историски болиди на Formula 1.

Во видеото кое ќе биде објавено на 25 март, кое веројатно е еден вид реклама за Лигата на шампионите, ќе можеме подетално да видиме се за гостувањето на Ибрахимовиќ во Фиорано, па и за тоа како се снаоѓа зад воланот.

Како потсетување, Ferrari 296 GTB е најновиот модел развиен како наследник на Ferrari F8 Tributo, а воедно е и првиот модел на марката со нов 2.9-литарски V6 мотор со twin-turbo технологија, на кој се придружува моќен 166 КС електричен мотор за вкупна комбинирана моќност од 830 КС и максимален вртежен момент од 740 Nm.

Интегрираната батерија од 7,45 kWh му овозможува на ова Ferrari да достигне до 25 километри само во електричен режим во урбани услови, а бројките зад овој погон се импресивни: спринт од 0 до 100 km/h за 2,9 секунди, максимални 330 km/h…