Премиера за четвртата генерација на радикално променетиот Tucson

Новиот Hyundai Tucson е значително различен од сеуште актуелниот претходник, пред се во визуелна смисла. Очигледно е дека во Hyundai сакале да овој автомобил да го направат уникатен во однос на дизајнот, со цел полесно да се истакне во многу конкурентниот C SUV сегмент.

Предната дводелна светлосна групација е благо речено многу интересна, бидејќи горниот дел е скоро интегриран во решетката на ладилникот и има улога на дневни светла, додека главниот светлосен сноп светло за ноќно возење доаѓа од долниот, поголем дел.

Предниот браник и хаубата се целосно нови. Страничен поглед на возилото упатува на пластичната заштита на дното од возилото, наменета за заштита на теренецот од градски оштетувања. Задниот дел е целосно во склад со идејата Tucson да биде посебен. Атрактивната група на задни светла е поврзана со LED лента дава впечаток дека моделот е поширок отколку што е навистина.

Новиот Hyundai Tucson е за 20 mm поширок и подолг од својот претходник, 5 mm повисок, а за 10 mm е подолго и меѓуоскиното растојание. Така, димензиите на новиот модел се 4.500 mm во должина, 1.865 mm ширина, 1.665 mm висина со меѓуоскино растојание од 2.680 mm. Багажникот има употреблив волумен од 546 литри во основната конфигурација, но со поместување или преклопување на задните седишта може да се зголеми на огромни 1.799 литри.

Особено внимание е посветено и на ентериерот на новиот Tucson. Целосно нова кабина која е целосно во согласност со трендовите во автомобилската индустрија. Пред возачот е дигиталната табла со инструменти, додека на централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј (10,25 за повисоките нивоа на опрема) за контрола на мултимедијата. Иако трендовите се целосно елиминирање на физичките копчиња, за некои обични команди истите се задржани.

Не се штедело ниту на активните безбедносни системи. Новата генерација на Hyundai Tucson располага со AEB со детекција на пешаци, предупредување за возилото во „мртвиот“ агол, систем за одржување на возилото во лента…

Кога станува збор за моторизацијата, во Hyundai морале да „размислуваат однапред“, пред се поради новите правила за емисија на штетни гасови во ЕУ. Покрај стандардните бензинци и дизели, во понудата ќе има и класичен хибрид, plug-in хибрид, како и благи хибридни системи. Детали за plug-in хибридот ќе бидат достапни кога ќе се приближи датумот за први испораки на возилото.

Новата генерација на Hyundai Tucson во продажба прво ќе се најде на домашниот корејски пазар, додека во Европа ќе треба да се почека до следната година. Од Hyundai посочуваат дека првите примероци на Стариот континент ќе бидат испорачани во првата половина од следната година, а верзијата за Европа ќе се произведува во фабрика во Чешка.