Како другите така и чешкиот производител се приклучува во електричната трка со моделите од новата четврта серија

Во рамките на тековниот Светски шампионат во хокеј на мраз, кој се одржува во Словачка, промовирани се два модели кои користат електромотори. Прво е претставен редизајнираниот Superb во хибридна верзија.

Под името Superb iV се крие голем седан под чија хауба има два мотори – 1.4-литарски турбобензинец со 157 коњски сили и електричен мотор од 115 КС. Заедно произведуваат 218 КС.

Новиот Superb iV само на електро погон ќе може да помине до 55 километри, но поважна е севкупната автономија, која е 850 километри.

Бидејќи станува збор за plug-in хибрид, дополнувањето се врши преку надворешен полнач, а производителот тврди дека батериите со капацитет од 13 kWh, до 80 проценти од капацитетот се полнат за два часа и 40 минути, преку обичен домашен приклучок. За целосно наполнети батерии, потребни се три и пол часа преку 3,6 kW полнач или 5 часа преку стандарден домашен приклучок.

Поради тоа што станува збор за PHEV, ќе мора да се помирите од малку помал простор во багажникот, кој од 625 паѓа на 485 литри, додека во случај на караванската верзија овој сооднос е од 660 на 510 литри. Причината е тоа што батериите се наоѓаат на подот на шасијата пред задната оска.

Што се однесува до другите промени, промената во предниот дел е највоочлива – нов браник, LED матрични фарови, светла за магла. Промените назад се повеќе козметички – LED трепкачите сега се динамички, името Škoda се наоѓа по средината, наместо познатото лого на чешкиот производител.

Гамата на погонски агрегати за не-iV верзијата на Superb се состои од TSI бензинци од 1.5-литри и 150 КС и 2.0-литри со две нивоа на моќност – 190 и 272 КС, а за љубителите на дизел, TDI агрегати од 1.6-литри со 120 КС и 2.0 исто така во две верзии – од 150 и 190 КС.

За прв пат најголемата лимузина на словачкиот производител е достапна во Scout верзија. Таа е наменета за љубителите на возење надвор од асфалтираните патишта, поради што клиренсот е зголемен за 15 милиметри, а тука е и 4×4 погонот. Над тркалата и праговите се наоѓаат пластични заштити, а нови се и фелните од 18 и 19 инчи. Селекторот на режим на возење има дополнителен Off Road режим.

За Scout верзијата се наменети најмоќните мотори – 2.0 TSI од 272 КС и 2.0 TDI од 190 КС, кои се спарени со 7-степен DSG менувач.

Конвенционалните модели на Superb во продажба влегуваат оваа година, додека електрифициранта верзија својата пазарна премиера ќе ја има во почетокот на 2020 година.