Виетнамскиот бренд во Европа планира исклучиво директна онлајн продажба на нови електрични автомобили и скутери со испорака до дома

До пред скоро време малку познатиот виетнамски производител на автомобили VinFast пристигнува во Европа. Информацијата е потврдена од челниците на компанијата кои покрај производствените капацитети во својата земја, во моментов бараат локации во САД и во Германија.

VinFast е првиот производител на автомобили од Виетнам, а нивното деби на глобалната сцена го имаа во 2018 година на Саемот за автомобили во Париз со две светски премиери – седанот LUX A2.0 и SUV моделот LUX SA2.0.

На дизајнерските решенија на овие модели влијаеле самите Виетнамци преку јавно гласање, а сето тоа благодарение на легендарната дизајнерска куќа Pininfarina, која ги потпишува визуелните решенија на виетнамскиот бренд. Италијанскиот шмек е надграден со германски, бидејќи двата модели се поставени на платформите на претходните генерации на BMW Серија 5 и X5.

VinFast моментално има фабрика за производство на автомобили во Хаи Фонг, Виетнам, каде што процесот на производство е 90 проценти автоматизиран. Погоните се способни да произведат до 250.000 автомобили и 500.000 електрични скутери годишно.

На неодамнешниот саем за потрошувачка електроника во Лас Вегас (CES), WinFast потврди дека во иднина ќе се потпира исклучиво на електрични автомобили.

Виетнамскиот бренд во Европа планира исклучиво директна онлајн продажба на нови електрични возила и скутери со испорака до куќниот праг. Наместо одделенија за продажба и сервис, редовниот сервис и евентуалните проблеми би ги решавале техничари на лице место.