Денес се вози 34-то F1 издание на Хунгароринг. Што може да се очекува?
По феноменалнта трка полна со пресврти за ГН на Германија, време е за нови возбудувања и 34. издание на Хунгаронринг
Првото пристигнување на Formula 1 во Унгарија датира од август 1986 година. Тоа всушност е првата трка во историјата одржана во Источна Европа, зад „железната“ завеса. А за каков настан станувало збор, можеби најдобра илустрација е бројката од 200.000 гледачи.
Победник на првото Гран-при на Унгарија во Светскиот шампионат во Formula 1 е Нелсон Пике во болид на Williams, пред сонародникот Аиртон Сена во Lotus. Генерално, Бразилците имаа многу успех во првите години од трката во Унгарија. Од првите седум изданија, Пике има две победи, а Сена три.
Трката на Хунгароринг е дел од календарот во Formula 1 без прекин до денес, а во таа 33-годишна историја, Луис Хамилтон е човекот со најголем успех. Хамилтон на оваа патека досега има вкупно шест победи, три за секој тим во кој возел. Неговата прва победа е во 2007 година, за да го повтори во 2009 и 2012 година. Ова се првите три победи со неговиот прв тим – McLaren. Веќе во 2013 година за прв пат победува со mercedes, повторувајќи го истиот успех во 2016 година и минатата година.
Михаел Шумахер на Хунгароринг има четири победи, а покрај споменатите Сена и Пике, повеќекратни победници се и Дејмон Хил, Жак Вилнев, Мика Хакинен, Џенсон Батон и Себастијан Фетел. Од активните возачи, со исклучок на Хамилтон и Фетел, единствено Кими Раиконен и Даниел Рикардо може да се пофалат со победа – Раиконен со McLaren во 2005 година и Даниел Рикиардо со Red Bull во 2014 година.
Што се однесува до пол-позициите, Шумахер има дури седум старта од првата позиција, пред Хамилтон со шест. Вчера, младиот Холанѓанец, Макс Верстапен, со извонредно возење стигна до својата прва пол позиција во кариерата воопшто.
Кај конструкторите, McLaren е тимот со најмногу победи на оваа трка, дури 11. Williams и Ferrari имаат по седум, Mercedes три и Red Bull две.
Патеката Хунгароринг е специфичен предизвик и за возачите и екипите. Го носи прекарот „Монако без огради“, што доволно зборува за нејзините карактеристики. Тесната и кривулеста патека има многу заедничко со уличните трки на календарот.
Постојат многу бавни и средно брзи свиоци, промените на правецот се чести и ненадејни, што е одличен тест за рамнотежата на болидите. Акцентот е ставен на аеродинамичката стабилност на автомобилот, а тимовите ќе се обидат да извлечат што поголема потисна сила од нивните пакети. Хунгароринг има две DRS зони, а онаа на стартно-целната рамнина дава најдобра можност за претекнување, при сопирање пред првиот свиок.
Механичкиот грип е од големо значење, а гумите се посебна приказна. Латералните оптоварувања се високи, температурите често исто така, па тимовите мораат да внимаваат на потрошувачката на гумите.
Во Германија минатиот викенд времето си играше со екипите и возачите, додека во Унгарија не треба да очекуваме вакви крајности. Според сите прогнози, трката треба да се вози по суво и сончево време, со прилично високи температури.
Како што веќе, наведовме, најбрзиот квалификациски круг го извозе Макс Верстапен со болидот на Red Bull. Веднаш зад него, ќе стартуваат двата болида на Mercedes со Валтери Ботас и Луис Хамилтон зад управувачите.
Тешко дека ќе видиме возбудлива трка како во Австрија, Британија и Германија, но пол-позицијата на Верстапен кој е во налет, секако делува ветувачки. Трката започнува во 15:10 часот со пренос на Телевизија 24.