Пред неколку дена, светот го потресе веста за трагичната смрт на едногодишни близнаци во Њујорк. Нивниот татко ги заборавил во возилото и отишол на работа. Се вратил по осум часа

Во првите шест месеци од оваа година, во Соединетите Држави настрадале 20 деца бидејќи останале заробени во врел автомобил. Токму затоа, Hyundai сака да спречи вакви трагедии.

Јужнокорејската компанија развила систем кој ќе стане стандарден кај повеќето нови возила во САД до 2022 година. Дизајниран за да спречи трагична смрт на деца, Hyundai создал систем за предупредување за задните седишта во две форми.

Во основната форма, системот покажува дали задната врата се отворила или затворила пред автомобилот да се придвижи. Ако се случи такво нешто, системот го алармира возачот да го провери задното седиште кога излегува од возилото.

Технологијата е релативно едноставна и ќе биде инсталирана во новите возила на компанијата во наредните години. Првиот модел кој ќе ја добие технологијата е новата генерација на Sonata која на пазарот треба да се појави во 2020 година.

Понапреден е вториот ултрасоничен систем за предупредување на задното седиште кој ја комбинира споменатата технологија со сензор што открива движење на деца и миленичиња во вториот ред.

Ако сензорот открие движење откако возачот излезе од автомобилот и ја заклучи вратата, возилото ќе сигнализира со звучна сирена и ќе испрати предупредувачка порака на телефонот.

Овој систем е опционален во моделот Santa Fe за моделната 2019 година, а од 2020 година ќе биде стандарден во Santa Fe и Palisade.

Минатата година се регистрирани 52 трагични случаи, со што е надминат рекордот од 2010 година (49 смртни случаи) главно предизвикани од немарност на родители кои ги оставаат своите деца во возилото на сонце.

Децата се особено изложени на ризик затоа што нивната телесна температура може да се зголеми 3-5 пати побрзо отколку кај возрасните, а температурата во внатрешноста на возилото може да се искачи за 8°C во рок од десет минути.

Поради ова, американските власти ги предупредуваат родителите да не ги оставаат своите деца во автомобилот ниту една минута и ги охрабруваат минувачите да повикаат полиција кога ќе видат само дете во возило.