Моделот LM е луксузна верзија на Toyota Alphard

Lexus го претстави моделот LM, кој е првиот миниван во историјата на јапонскиот бренд. Премиерата на автомобилот се одржа во рамките на саемот за автомобили во Шангај.

Lexus LM претставува луксузна верзија на Toyota Alphard, со која ја делат платформата и основните погонски агрегати. Новиот миниван од донорот се разликува нормално по решетката на ладилникот, фаровите направени во стилот на ES и LS, хромираниte тркала и промените во задниот дел.

Салонот е во стил на луксузна лимузина, а возачкото и совозачкото седиште се одвоени од патниците на задните седишта со посебна преграда во која се вградени 26-инчен монитор, часовник и фрижидер. Токму задните седишта се главната одлика на раскошниот патнички простор. Располагаат со функции како греење, вентилација, масажа, а тука се и многу други можности за лично прилагодување. Седиштата се исполнети со уретанска пена која овозможува комбинација на идеална поддршка за телото во позиција на седење со удобност на кауч.

26-инчниот екран во преградниот ѕид може да се поврзе со уреди како паметни телефони и таблети и поддржува Blu-ray репродукција. Да ги споменеме и другите карактеристики кои вклучуваат систем за озвучување составен од 19 звучници, 14-литарски фрижидер кој може да држи две шишиња шампањ или вино, дисплеј на допир помеѓу задните седишта за контрола на телевизорот, седиштата, климата и звучниот систем.

Од Lexus велат дека LM ќе биде достапен и во конфигурација со седум седишта со две посебни луксузни седишта за првите два реда и три седишта во третиот ред. Седиштата во вториот ред ќе бидат најудобни и ќе имаат поголеми, помошни потпирачи за раце.

Моделот ќе биде достапен со две погонски единици. LM 350 е опремен со 3.5-литарски бензински V6 мотор со моќност од 350 КС, додека LM 300h со 2.5-литарски бензински мотор кој работи во комбинација со електричен мотор. Вкупната моќност е 200 КС. И двете верзии ќе бидат достапни со погон на предните и сите четири тркала.

https://youtu.be/Tli90d0ftUM