На тековниот саем во Шангај, Toyota покажа целоснo електрична верзија на својот кросовер модел C-HR

Популарниот SUV на јапонскиот производител така добива и електрична верзија, иако сè уште не е познато дали оваа верзија ќе дојде и во Европа. Логично би било да е така, бидејќи C-HR е присутен на пазарот, а продажбата на електрични автомобили почнува да добива замав.

Целосно електричниот C-HR е малку поинаков од конвенционалниот модел. Ова првенствено се однесува на изменетиот преден браник и тркалата со помали димензии, додека во салонот најголемите промени се огледуваат во различниот облик на менувачот и комплетно дигиталната инструмент табла.

Toyota воедно објави дека ќе пласира 10 електрични модели во Кина до 2025 година, а целта на компанијата е 5,5 милиони електрични возила до 2030 година. Досега, на глобално ниво, Toyota има испорачано 13 милиони електрифицирани автомобили.