Електрични и спортски

Базирани на стандардниот модел, Audi e-tron Ѕ и e-tron Ѕ Sportback се едни од првите сериски автомобили кои користат дури три електромотори. Два од нив се монтирани на задната оска, секој одговорен за едно тркало, додека третиот електромотор се наоѓа на предната страна и се стартува само во посебни услови за работа.

Резултатот е генерирана моќност од 503 КС и 973 Nm. Сепак, треба да се има предвид дека максималниот вртежен момент е достапен само во периоди на „дополнителна моќ“ од околу осум секунди, кога всушност во функција е и предниот елетромотор мотор. Тоа е доволно е за „спринт“ од 0 до 100 km/h за 4,5 секунди и максимална брзина од 209 km/h.

Трите електрoмотори се напојуваат со батерија која има бруто капацитет од 95 kWh, од кои околу 91% (86 kWh) е всушност употреблив. Според WLTP, ова обезбедува автономија на електрично возење од 353 километри за Audi e-tron S и 363 километри кај e-tron S Sportback, според првичните податоци.

„Audi e-tron S и e-tron S Sportback „интегрираат интелигентна контрола на погонот која ја зголемува безбедноста и агилноста на ново ниво“, според Audi. За да се подобри ефикасноста, во нормален режим на работа вклучени се само задните електромотори. Предниот електричен мотор се вклучува само кога возачот бара повисоки перформанси. Секој од задните мотори испраќа вртежен момент директно до своето тркало преку една брзина.

Подобра управливост е можна и со специфичното S прилагодување на адаптивната воздушна суспензија, кое може да го спушти нивото на каросеријата за околу 76 mm. Моделите Audi e-tron S се стандардно опремени со 21-инчни тркала, а како опција се достапни и 22-инчни. Во понуда има и поголеми диск сопирачки со фиксни шестклипни „клешти“ кои се стандардно обоени во црно и украсени со логото S. На барање, „клештите“ можат да бидат обоени во светло портокалова и украсени со ознаки на е-tron.

Кога станува збор за останатите промени во споредба со стандардната верзија на SUV моделот, каросеријата е поширока за околу 50 mm, со поголеми лакови на тркалата, поагресивни браници со сребрени детали, уникатна предна решетка со ознаката S, помасивен заден дифузер и опционални Digital Matrix LED фарови.

Внатрешноста е изработена во темни бои и содржи кожни спортски седишта  Fine Nappa со втиснато лого „S“, и украсни уметоци изработени од брусен алуминиум или карбон. Кабината има и дигитален MMI систем со два големи екрани, со интегриран MMI навигациски инфозабавен систем и виртуелен кокпит на Audi, опционален дисплеј за глава и многу повеќе.

Од Audi велат дека моделите наскоро ќе бидат достапни за нарачка во Европската унија, а засега се познати цените во Велика Британија, почнувајќи од 96.500 евра за Audi e-tron S и 98.400 евра за e-tron S Sportback.