Германската влада размислува за воведување на бројни мерки за намалување на загадувањето на животната средина предизвикано од патничките возила. Една од нив е и воведување на ограничување на брзината на сите делници во земјата

Меѓу мерките кои се предложени до владата од страна на Националниот комитет кој се занимава со прашања поврзани со намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот, се зголемување на даноците за гориво, како и дополнителните стимулации за купување на хибридни и електрични автомобили, пишува Reuters.

Вкупните емисии на штетни гасови во сообраќајот во Германија не се намалени од 1990 година, па затоа се под лупа на јавноста, со цел резултатите на полето на намалување на загадувањето да станат очигледни.

Проблемот е во тоа што Владата на Германија е на раскрсница помеѓу потребата за заштита на животната средина од една страна, а од друга со обврската за зачувување на моќната автомобилска индустрија, која е еден од двигателите на германската економија и која може да биде загрозена од некои од предложените мерки. Од трета страна Германија би можела да биде изложена на ризик да плати високи казни ако не ги исполни стандардите за емисии усвоени од Европската унија.

Меѓу предложените мерки за намалување на загадувањето на воздухот, кои ќе стапат во сила во 2023 година, се воведување на ограничување на брзината до 130 km/h на сите делници во Германија, како и зголемување на данокот на гориво.

Исто така, предвидено е укинување на даночните олеснувања за дизел возила и воведување на дополнителни стимулации за купување електрични и хибридни автомобили. Како што се наведува, сите овие мерки ќе обезбедат само половина од потребното намалување на штетните емисии.

Конечниот извештај на Комитетот за намалување на загадувањето предизвикано од сообраќајот ќе биде предаден на владата до крајот на март. Германските власти треба да го вклучат овој извештај во нацрт-законот за климатски промени.

Комитетот забележува дека е свесен дека многу од предложените мерки се непопуларни и дека ќе се соочат со негативни реакции на возачите, како и политичарите во Германија.