Дали европската електрична мрежа може да издржи 100 милиони електрични автомобили?
Дури и со 50 отсто удел на електрични автомобили, неконтролираното полнење може да ги преоптовари локалните електрични мрежи
Сите, повеќе или помалку, знаеме дека електричните автомобили ќе доминираат во европската мобилност за десет години. Без разлика дали се согласувате со таа визија или не, Европската Унија има усвоено јасни правила, а производителите на автомобили се прилагодуваат и јасно се вртат во насока на електричната мобилност. Милиони електрични автомобили во иднина ќе треба да се снабдуваат со струја, а прашањето кое се поставува е дали електричната мрежа може да издржи таков притисок. Според студијата на здружението за електрична енергија Eurelectric и консултантската фирма EY, европската електрична мрежа може да управува со повеќе од 100 милиони електрични автомобили. Сепак, потребни се подготовки.
Експертите очекуваат околу 135 милиони возила до 2035 година, околу 132 милиони повеќе од денес. Дотогаш на мрежата ќе треба да се приклучат 65 милиони станици за полнење, од кои 85 отсто во приватните домаќинства и 4 отсто на јавни простори. Дури и со 50 отсто удел на електрични автомобили, неконтролираното полнење може да ги преоптовари локалните електроенергетски мрежи, поради што, според експертите, неопходна е интелигентна контрола на процесот на полнење.
Се препорачува дигитализација на електричната мрежа со цел да се предвиди и оптимизира однесувањето на клиентите и да се дисперзираат ефектите врз мрежата и побарувачката. Потребни се и интелигентни полначи и урбани системи за складирање на електрична енергија (батерии со висок капацитет) за да се намали високата побарувачка на краток рок. Значи, нема проблеми, но може да има, особено во неповолни периоди од годината (кога е намалено производството на енергија).
И оваа студија покажува дека на Европа и треба нова енергетска политика. Потпирањето единствено на обновливите извори на енергија очигледно нема да биде доволно за да се задоволат сите апетити или тоа отприлика би изгледало како кревач на тегови од најтешката категорија да се храни со блитва и кељ. За месец дена не би можел да крене ниту стол.