Дали е ова иднината на индивидуалниот градски превоз / ВИДЕО
Најновиот и најмалиот член на семејството Renault EZ автономни возила, концептот EZ-Pod, на паркинг зафаќа површина од само 3 метри квадратни
EZ-Pod е замислен како мало, урбано електрично возило за индивидуален транспорт на кратки дестинации – како дополнение на други форми на јавен / индивидуален урбан транспорт.
Засновано е на механичката основа на електричниот Renault Twizy, па и зафаќа површина од само 3 метри квадратни, што е важно кога станува збор за возење и паркирање во тесните улички на старите градски јадра во голем број европски градови.
Поради своите мали димензии, дизајнерите и инженерите се фокусирале на најдобро искористување на патничкиот простор и добивање на најголем можен корисен волумен.
Покрај другото, идејните творци предвиделе EZ-Pod да ја користи технологијата на самовозечки автомобили со кои управува компјутер.
Слично како кај електричниот модел Renault Twizy, така и EZ-Pod има две места за седење – но во сосема друга конфигурација, па сместувањето на патниците, како и влезот и излезот од возилото, е многу попријатно.
Дизајнерите на овој електричен автомобил предвиделе возилото да може лесно да се трансформира и во мало доставно возило.
Од Renault велат дека малиот електричен концепт е идеален за car-sharing возило, кое ќе биде во можност да се резервира преку апликација и автоматски ќе се довезе до потенцијалните клиенти, а најмногу би се користело во пешачки зони во големите градови.