Романскиот нискобуџетен електричен кросовер е добитник на уште едно признание

Dacia Spring е добитник на наградата Best Buy in Europe на Autobest за 2022 година или автомобил со најдобар сооднос добиено/платено. Според официјалното соопштение, жирито составено од 32 новинари од исто толку земји ја доделило титулата на електричниот модел на Dacia, ценејќи ја пред се неговата многу пристапна цена. Воедно, ова е првпат електричен автомобил да ја добие оваа награда, што дефинитивно го означува почетокот на една нова ера во европскиот автомобилизам.

Dacia Spring веќе се покажа како голем успех. Според последните податоци, романскиот бренд има добиено околу 43.000 нарачки за овој кросовер на батерии од сегментот А. Дополнително, месечно се реализираат околу 5.000 нарачки, а тие бројки би требало да бидат уште поголеми доколку следната пролет овој електричен автомобил се пробие и на британскиот пазар, каде моментално не се нуди.