Chevrolet Camaro заминува во „пензија“ по 2024 година?!
Електричната (р)еволуција зема уште една жртва
Ако може да им се верува на натписите од американските медиуми, овој пат се работи за Chevrolet Camaro, кој наводно повторно ќе исчезне од пазарот по 2024 година. Повторно затоа што Camaro веќе еднаш се пензионираше, во 2002 година, проследено со осумгодишна пауза.
Веста и не е некое изненадување ако се знае дека во првите шест месеци се испорачани само 9.881 примероци, што е далеку помалку од клучните ривали како Ford Mustang и Dodge Challenger.
Каде е проблемот? Camaro сè уште е омилен избор на автомобилски новинари и доби многу пофалби на сметка на фантастичниот 6.2-литарски мотор, но се чини дека ова е и најголемиот недостаток. Имено, додека Chevrolet се фокусираше на обезбедување на најдобри можни возни карактеристики, занемарено е сè што е важно за „обичните смртници“, па затоа голем број клиенти се жалат на тесниот багажник, просторот на задните седишта, слабата финална доработка и, пред се, на многу слабата прегледност.
Преведено на поедноставен јазик, Camaro ќе го купат оние кај кои „бензин тече низ жилите“, но тие се во малцинство. Од друга страна, клиентите кои сакаат спортист, цивилизиран за секојдневно возење кој е динамичен и за патека најчесто погледите им се свртени кон Mustang и Challenger.
Рака на срце, сепак, треба да се каже дека General Motors сè уште не ја потврдил оваа вест, но доаѓа од магазинот Automotive News. Тие тврдат дека „многу близок извор“ им рекол дека Chevrolet во моментов развива седан со високи перформанси, со електричен погон, кој ќе го замени Camaro во понудата на овој американски производител.
Можеби малку иронична вест, кога се знае дека низ својата историја Camaro е достапен само како купе и кабриолет со две врати, но откако Ford го стави знакот Mustang на електричниот кросовер, тогаш веќе ништо не може да изненади.
Сепак, во одбрана на Ford, треба да се каже дека таквата верзија наречена Mach E се продава паралелно со традиционалниот концепт, додека Camaro каков што го знаеме и го сакаме, целосно би исчезнал од пазарот. General Motors претходно објави дека ќе продава исклучиво електрични модели по 2035 година, а компанијата во моментов е еден од светските лидери во оваа област.