Со претставувањето на спортската RS верзија, Škoda ја комплетираше тековната понуда на новата генерација на моделот Octavia

Škoda ужива голема популарност во Европа, па и кај нас, а фаворитот на многумина е без сомнение Octavia.

Oва е чешкиот пандан на VW Golf, но во можеби попривлечна fastback форма. Фановите на овој бренд се особено заинтересирани за Octavia RS, а четвртата генерација на чешкиот компакт не разочарува, напротив.

Octavia RS доаѓа со избор од три погони: електрифицирана iV верзија, односно plug-in hybrid и TSI и TDI верзии со конвенционален погон. 

Кога станува збор за бензинецот, работите се веќе познати, бидејќи под капакот на моторот е поставен 2.0-литарскиот TSI мотор на Volkswagen кој ослободува 245 коњски сили и 370 Nm вртежен момент, а преку 6-степен мануелен или 7-степен DSG менувач, моќноста се доставува до предните тркала. Забрзувањето до 100 km/h е 6,7 секунди, додека максималната брзина е 250 km/h.

И во дизел верзијата нема изненадувања, бидејќи користи 2.0-литарски TDI мотор на VW, овој пат во верзија со 200 коњски сили, спарен исклучиво со 7-брзински DSG менувач, со тоа што на клиентите им се нуди и опција 4х4.

Третата погонска опција е целосна новост во RS понудата и се состои од комбинација на 1.4-литарски TSI турбо бензинец и електричен мотор од 115 КС. Во комбинација, тие ослободуваат вкупно 245 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Моќноста се испраќа до предните тркала преку 6-степен DSG менувач. Забрзувањето до 100 km/h е 7,3 секунди додека максималната брзина е 225 km/h. Само во електричен режим, Octavia RS iV може да покрие 60 километри.

Кога станува збор за визуелните разлики во споредба со „обичната“ Octavia, RS верзиите имаат нов Bodykit, кој вклучува нов браник, заден дифузер за воздух и спојлер на покривот, додека отворите за воздух имаат рамки со сјајно црна завршница, а во ист стил се финиширани и новите 18-инчни тркала.

Исто така, во споредба со другите верзии, RS изданието има спортска суспензија со адаптивни амортизери (опционален DCC пакет), благодарение на што автомобилот е исто така 15 mm поблизу до земјата.

Внатрешноста е во спортскиот дух на моделите RS, со спортски профилирани седишта, тапацир Alcantara, алуминиумски педали, табла, исто така, тапацирана со Alcantara, како и трикрак управувач со логото RS.

Зад воланот има дигитална инструментација, односно 10-инчен дисплеј на кој се прикажани сите важни параметри за возењето (брзина, број на вртежи, температура, количина на гориво, итн.), додека другиот дисплеј со иста дијагонала, осетлив на допир, позициониран на врвот од централната конзола и служи за контрола на инфо-забавниот систем.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Loading...