Новиот автомобил на брендот може да добие електричен погон

Производителот на хиперавтомобили Bugatti, ја разгледува можноста за лансирање на втор модел, кој би бил ценовно достапна алтернатива на Chiron и автомобил за користење на дневна основа. Ова го најави претседателот на компанијата, Стефан Винкелман, сугерирајќи дека овој автомобил би можел да биде на електричен погон.

Сеуште не е познато на која платформа би бил изграден вториот Bugatti модел, како и тоа какви перформаси би понудил погонскиот агрегат. Компанијата сака да ја одржи рамнотежата помеѓу динамиката и удобноста што се многу важни за брендот. Веќе се анализираат пазарните перспективи, а конкретни временски рокови за лансирање не се поставени.

„Многу веројатно е дека ова ќе биде првиот електрифициран модел на Bugatti, но сигурно нема да биде кросовер“, вели Винкелман. Сепак, тој не сака да специфицира дали станува збор за автомобил со хибриден погон.

Во моментов, палетата на Bugatti се состои од само еден модел – Chiron. Тој е достапен во три верзии – стандардна, спорт и јубилејниот Sport 110 ans Bugatti. Сите се потпираат на 8.0-литарски W16 со 1.500 КС и 1.660 Nm.