Bugatti има паметен часовник со „прифатлива“ цена! / ФОТО+ВИДЕО
Bugatti уште еднаш се здружи со австрискиот производител на паметни часовници и претстави ограничена серија рачни часовници наменети за спортисти и авантуристи со подлабок џеб.
Пазарот на паметни часовници драстично порасна во последниве години и ги направи напредните технологии достапни за поширок сегмент од населението. Кога станува збор за Bugatti и VIITA, концептот на достапност сепак треба да се земе со резерва.
Со целосно име Bugatti Carbone Limited Edition, ова е првиот паметен часовник направен целосно од јаглерод. Така, и покрај инсталирањето на поголема батерија со капацитет од 540 mAh (+22%), сега масата е помала за 13 проценти.
Во нормална употреба, батеријата трае 15 дена, а со постојано вклучен GPS, времетраењето се намалува за неколку дена, велат од Bugatti. GPS сензорот е исклучително прецизен, па податоците од часовникот може да се користат во телеметрија на патека додека сопственикот се трка во Bugatti.
Користи двоен сензор за мерење на отчукувањата на срцето и ги обезбедува апсолутно сите функции како најдобрите спортски часовници, од препораки за одмор и тренинг до биолошка возраст и ниво на стрес. Водоотпорен е до 100 метри длабочина. Да го споменеме и екранот. Станува збор за AMOLED екран на допир со резолуција од 390 x 390 пиксели. Поддржува 16,7 милиони бои, а се наоѓа под стакло од сафир.
Да речеме дека часовникот е ограничен на само 2.500 примероци, а цената е 2580 долари. Да речеме и дека VIITA сè уште ја нуди „старата“ верзија на часовникот Céramique Edition за Bugatti по значително пониска цена. Чини „само“ 1186 долари.