Производството на автомобили во Велика Британија во мај има пад од 95,4%!

Минатиот месец, од производствените погони на Островот излегле вкупно 5.321 автомобили. Сепак, ова е дури и многу подобар резултат отколку во април, кога се произведени помалку од 200 возила!

Податоците се очекува да бидат значително подобри во јуни, бидејќи повеќето фабрики веќе целосно работат, иако сè уште со помал обем, заради одржувањето на физичка дистанца помеѓу работниците. Сепак има и такви кои сеуште не работат, како главните погони на Vauxhall и JLR.

Забрзувањето на производството не зависи само од тоа дали работниците работат или не, туку дали има побарувачка за нови автомобили. Во моментот побарувачката е на ниско ниво не само на Островот туку и на глобално ниво, а големо прашање е кога пазарот целосно ќе се опорави.

Експертите на Островот посочуваат дека 1 од 6 работници во автомобилската индустрија во моментов е под голем ризик да бидат отпуштени, и дека владата наскоро ќе мора да излезе со пакет мерки за да и помогне на оваа гранка на економијата, доколку не сака масовни отпуштања.

Она што Британците воопшто го произвеле во мај, кога станува збор за автомобилите, претежно е за надвор од земјата. Од нешто повеќе од 5.300 автомобили, дури 4.260 завршиле со извоз, додека останатите останале во самата Велика Британија.

Оваа година, заклучно со претходниот месец, на Островот се произведени 324.763 автомобили, што е за 41,7% помалку споредено со истиот период во 2019 година. Експертите посочуваат дека на британската автомобилска индустрија ќе и биде тешко да произведе над еден милион автомобили оваа година, со можност бројката да биде и значително помала.