Компанијата Bosch беше еден од клучните играчи во скандалот Dieselgate, па затоа и беше казнет со парично со 327,5 милиони долари

Иако оваа германска компанија никогаш официјално не призна дека учествувала во скандалот, нејзините претставници сега тврдат дека нашле начин како да ги спасат дизел агрегатите.

За време на компаниската годишна медиумска конференција, извршниот директор на Bosch, д-р Волмамар Денер изјави: „Дизел агрегатите сеуште имаат иднина, бидејќи нашата компанија најде начин да ги спаси“. Имено, тој вели дека новата технологија им овозможува на возилата со дизел мотори да испуштаат само 13 mg на километар азотен оксид. Ова е значително помала вредност од сегашната граница од 168 mg на километар, но и од границата која треба да биде воведена од 2020 година (120 mg на километар).

Детали има малку, но од компанијата велат дека оваа ниска емисија на штетни гасови е постигната благодарение на „комбинација на технологија за вбризгување на гориво, ново развиен систем за проток на воздух и интелигентен систем за контрола на температурата“.

Претставниците на компанијата велат дека овој резултат е постигнат благодарение на модификацијата на постоечката технологија, односно нема потреба од дополнителни компоненти кои ќе бараат повеќе пари. Уште поважно, овие промени „незначително влијаат“ на потрошувачката на гориво.

Денер гордо додава дека неговата компанија „ги поместува границите на технолошки изводливо“, а дека моделите опремени со најсовремена технологија нема да бидат многу поскапи од другите модели.

Тој рече дека неговата компанија верува дека дизел агрегатите ќе имаат важна улога во автомобилската индустрија во иднина, барем додека електричните возила не станат секојдневна појава.