BMW се предомисли: i3 останува на пазарот до 2024 година
Првиот сериски електричен модел на BMW се произведува од 2013 година
Портпарол на BMW во изјава за германскиот Leipziger Volkszeitung вели дека i3 ќе се произведува уште четири години, што значи дека електричниот првенец на BMW во продажба ќе биде повеќе од една деценија во моментот кога ќе биде повлечен од пазарот. Ова може да се смета како успех за еден модерен автомобил во време кога производниот век на моделите станува сè пократок и обично е 6-7 години.
Веста за продолжението на производството на BMW i3 е изненадување со оглед на претходните најави дека овој електричен автомобил во пензија ќе замине во 2020 година.
BMW i3 моментално се продава со батерија од 42,2 kWh, што според мерниот стандард WLTP е доволна за автономно возење помеѓу 285 и 310 км.
Кога беше лансиран за прв пат, i3 имаше батерија од 22 kWh, за да капацитетот се зголеми на 33,2 kWh во 2016 година. Со цел одржување на пазарната конкурентност на автомобилот, се очекува BMW уште еднаш да го зголеми капацитетот, а со тоа и вкупната автономија. Тоа би можело да се случи во 2020 или 2021 година.
Кога i3 конечно ќе се повлече од продажба во 2024 година, BMW би требало да има неколку електрични модели во понуда, како што се електричната Серија 1, долго најавуваниот i4, потоа iX3 и iNext, така што заминувањето на BMW i3 од сцената нема значително да влијае на продажбата на електрични модели на оваа баварска компанија.