Следната генерација на моделот X4 ќе биде само електрична

Некои производители, како Mercedes-Benz, се подготвуваат да го намалат своето портфолио во следните неколку години, но засега нема знаци во таа насока кај големиот ривал BMW. Напротив, моделното семејство на компанијата од Минхен продолжува весело да расте. Најновите дополнувања го вклучуваат електричниот iX1, X5 со долго меѓуоскино растојание за Кина или XM како нов предводник на брендот со високи перформанси.

Сепак, постои еден релативно популарен модел на баварскиот производител кој ќе престане да постои. Според информациите на BMWBlog, актуелниот Coupe SUV модел X4 нема да добие наследник, барем не со мотор со внатрешно согорување. Причината за отфрлањето на крос-купето е неговата релативно слаба побарувачка.

Во овој случај, интересно е што BMW го започна развојот на третата генерација на ова Sports Activity Coupé (SAC), па дури има и кодно име – G46. Сепак, моделот, кој е изграден на платформата CLAR, најверојатно нема да стигне до сериско производство.

Во исто време, сепак, Баварците ќе понудат електричен модел од оваа класа – iX4, а неговото производство ќе започне во фабриката во Дебрецен (Унгарија) во 2026 година. Кросоверот ќе ја користи платформата Neue Klasse и Gen6 батериски пакет од шеста генерацијa со тркалезни ќелии кои треба да го зголемат опсегот и брзината на полнење за 30% во споредба со претходните призматични ќелии.

Карактеристиките на новите батерии звучат многу ветувачки, при што BMW проценува дека нивната тежина може да се намали за 20%, додека трошоците за производство може да се намалат на половина. Дополнително, емисиите на CO2 поврзани со нивното производство мора да се намалат за 60%. Се очекува дека батериите од следната генерација ќе можат да одржат 80% од нивниот оригинален капацитет дури и по десет години.

Промените во гамата, сепак, нема да влијаат на стандардниот BMW X3, кој е основа на купето X4. Популарниот теренец ќе добие нова генерација, а ќе биде достапен со бензински и дизел мотори.