BMW прилагодува батерии за различни модели
Електричните и plug-in хибридните купе и седан модели нема да имаат ќелии со иста висина како оние што ќе се користат во SUV моделите
Никој не беше особено возбуден кога на пазарот се појави BMW i3. Првиот електричен модел на компанијата во дизајнерска смисла е во потполна спротивност со традиционалниот имиџ на брендот во Минхен. Од друга страна, неговиот дизајн во голема мера е условен од позиционирањето на батериите и димензиите на погонскиот систем. За да се осигура дека идните електрични возила ќе изгледаат привлечно, исто како и оние со мотори со внатрешно согорување, BMW развива различни батериски ќелии, прилагодени за барањата на различни видови на возила.
Поинаку кажано, електричните и plug-in хибридните купе и седан модели нема да имаат ќелии со иста висина како оние што ќе се користат во SUV моделите. Ова секако ќе има позитивно влијание не само врз дизајнот, туку и врз центарот на гравитација.
BMW не планира да произведува батерии внатре во компанијата, но веќе има оддел за технологија на батерии одговорен за дизајн на ќелии и софтвер за контрола. Баварската компанија сака да има подготвени литиум-јонски батерии со различни форми, како што велат, за петтата фаза од стратегијата за електрификацијата 2021. За три години, BMW ќе го лансира електричниот предводник модел i9, кои ќе се произведува во фабриката во Динголфинг.
Исто така во 2021 година, компанијата ќе започне со лансирање на новите електрични и конвенционални модели, врз основа на две нови платформи. FAAR архитектурата е предвидена за модели со преден и AWD погон, додека надградената CLAR платформа е резервирана за моделите со погон на задните тркала. Новите платформи исто така ќе можат да угостат три различни батериски пакувања, од 60 до 120 kWh, со автономија од 450 до 700 километри.