Додека некои производители на автомобили се откажуваат од автомобилите со дизел погон по скандалот Dieselgate, од BMW велат дека дизел моторите сѐ уште имаат важна улога во автомобилската индустрија

Имено, за време на едно интервју на салонот за автомобили во Женева претхдно овој месец, претставникот на BMW, Виланд Брук, изјави дека SUS моторите (мотори со внатрешно согорување) сè уште се многу важни за неговата компанија.

Брук наведува дека до 2025 година околу 20% од возилата на BMW ќе имаат електричен погон, што значи дека 80% од возилата сеуште ќе имаат конвенционален погон. Соодветно на тоа, дизел агрегатите ќе продолжат да бидат „уште една, многу важна, тула во ѕидот“, која ќе води до исполнување на целите на компанијата.

Имено, од скандалот со мамење на тестовите за емисии на штетни гасови од страна на VW, побарувачката за дизел мотори драстично е намалена, а ставот на луѓето кон нив целосно е променет, особено во Европа. Како одговор на тоа, многу компании објавија планови за запирање на производството на модели со дизел мотори во корист на бензинскиот погон и хибридните алтернативи.

Меѓутоа, компанијата BMW покрај бензиските, хибридните и електричните автомобили, како и оние со дизел погон, ќе развива и возила со погон на водород, за кој веруваат дека е технологија на која ќе почива иднината на автомобилската индустрија.