Xiaomi претстави паметен телефон за гејмери и дополнителен контролер кој треба да овозможи уште поголемо уживање во мобилните игри

Xiaomi Black Shark доаѓа со екран со дијагонала од 5,99 инчи и резолуција од 2160×1080 px. Неговата движечка сила е Snapdragon 845 и достапен е во верзии со 6GB RAM и 64GB простор за складирање, како и 8GB RAM и 128 GB простор за складирање. На задната страна има две камери со резолуција 12MP и 20MP (и двете со f / 1,75 отвор на блендата), а напред една со резолуција од 20MP со која може да снима видео во 4K резолуција, а на автопортретите можат да се применат голем број филтри.

Додека овие опции се достапни и на други напредни модели на паметни телефони, она што овој уред го издвојува од конкуренцијата и го прави интересен за гејмерите е системот за ладење, кој ја намалува температурата за 8 степени за да се избегне прегревање на процесорот при подолго играње на најсложените игри како и дополнителниот контролер за полесно управување со игрите.

Black Shark Gamepad со телефонот се поврзува преку Bluetooth, доаѓа со своја батерија и овозможува поголемо уживање во видео игрите, бидејќи, наместо преку екранот на допир, со игрите се управува со хардверски копчиња како на конзолите за таа намена.

Овој контролер ќе се продава одделно и неговата цена на кинескиот пазар ќе изнесува триесет долари, а за првите 50.000 клиенти Black Shark Gamepad ќе биде бесплатен.

Моќните перформанси имаат потреба од моќна батерија па така Black Shark доаѓа со капацитет на батеријата од 4000mAh со поддршка за брзо полнење.

Овој паметен телефон на Xiaomi на кинескиот пазар ќе се појави на 20 април по цена од околу 480 долари за моделот со 6GB и 560 долари за моделот со 8GB RAM меморија. Се уште е непознато дали ќе се појави и надвор од Кина, вклучително Европа.