Пазарот на електрични автомобили со големи чекори се движи напред во изминатите неколку години, па сега нови производители никнуваат како печурки после дожд

Cambiano Concept седан

Одамна пројде времето кога Tesla беше единствениот играч на теренот, одамна се приклучија и најголемите компании од индустријата, а покрај нив се појавуваат и нови производители.

Откако Volvo го лансираше Polestar, а Aston Martin го воскресна брендот Lagonda во класата на луксузни EV возила, во „играта“ се приклучува и Pininfarina.

Компанијата, која својата популарност во индустријата ја има стекнат првенствено како дизајнерско студио, неодамна претстави свој концепт на електричен седан, а извршниот директор Паоло Пининфарина ги потврди значително повисоките амбиции.

„Мојот татко имаше сон да изгради автомобилска компанија, а сонот и на неговиот татко беше ист. Сега јас планирам да го остварам тој сон“, вели Пининфарина.

Дедото на Паоло, Батиста, ја основал компанијата во 1930 година, неговиот татко ја проширил и ја претворил во она што е денес, а тој сака да ја подигне на уште повисоко ниво.

Ова ќе биде направено благодарение на индискиот производител Mahindra, кој ја купи Pininfarina во 2015 година за 170 милиони евра.

Pininfarina веќе го најави лансирањето на првиот автомобил под овој бренд на крајот од 2018 година, а станува збор за електричен суперавтомобил под името H2 Speed.

H2 Speed

Концептот кој веќе е претставен се потпира на водородни ќелии како погон за електричните мотори, а ќе бидат направени само 12 единици.

Pininfarina во изминатите години претстави неколку концепти, пред се лимузини, а тоа се луксузниот седан H600, SUV моделите со пет и седум седишта K550 и K750, а неодамна во Женева и Gran Turismo HK GT.

HK GT

Официјалното лансирање на брендот за EV возила под името Pininfarina е најавено за 14 април во Рим за време на трка од Formula Е шампионатот.