Новите функции на автопилот веќе достапни за сопствениците на Tesla

Сопствениците на автомобили Tesla почнаа да ja добиваат последната надградба на автопилотот, во која е вградена функцијата Enhanced Summon. Истата е создадена врз основа на постоечката Summon, но сега електричното возило не се движи само напред и назад, туку прави и маневри. Некои од сопствениците на возило од брендот веќе објавија видеа со новата функција.

„Тоа е функција за асистенција при паркирање, која помага возилото да се придвижи до возачот или до некоја друга избрана дестинација. Автомобилот може самостојно да излезе од местото за паркинг и да се движи околу објекти, доколку е потребно“, така барем компанијата ја опишува новата функција на автопилотот.

Откако ќе се ажурира апликацијата, во делот Summon, покрај функциите Forward и Reverse, се појавува уште една – Enhanced Summon. Со нејзина помош, автомобилот може лесно да се движи не само во права линија, туку и да изврши неопходни маневри.

Откако ќе се активира Enhanced Summon, апликацијата нуди избор од уште две опции. Возачот може да каже каде е, а автомобилот ќе дојде до него. Може да избере и опција FIND ME, а благодарение на GPS-от во телефонот , автомобилот на Tesla сам ќе си го „најде“ сопственикот.

Сепак, оваа функција работи само ако возачот со паметен телефон е на растојание од максимални 45 метри од возилото.