Автомобил на годината 2022: Победникот е Kia EV6 / ФОТО+ВИДЕО
„Електричарот“ на корејската Kia е победник на изборот за Автомобил на годината за 2022 во Европа
Денес полпадне во 17 часот по централно европско време се одржа церемонијата на доделувањето на наградите за Европски автомобил на годината 2022, а беше емитувана во живо на веб-страницата на Geneva International Motor Show, кој е организатор на истата единаесетти пат по ред.
Жирито од 61 член, составено од автомобилски новинари од 23 земји, го избра победникот помеѓу седум модели кои влегоа во финалниот круг уште во ноември минатата година. Со трофејот „Автомобил на годината“, Kia EV6 ја освои најпрестижната и најпосакуваната награда во автомобилскиот свет, која се доделува од 1964 година.
„Убаво изненадување е да се види дека Kia EV6 ја добива оваа награда. Време беше брендот и групата да бидат наградени, бидејќи толку напорно работеа на овој автомобил. Темпото на напредок на Kia е навистина импресивно“, изјави претседателот на жирито на „Автомобил на годината“ Франк Јансен по објавувањето на резултатите.
„Голема чест е да ја освоите титулата Европски автомобил на годината за 2022 година со EV6, првата Kia која воопшто ја освоила оваа престижна награда. EV6 е навистина значаен развој кој е дизајниран од самиот почеток да ја направи електричната мобилност забавна, удобна и достапна со комбинирање на многу импресивен опсег на возење во реалниот свет, способност за ултра брзо полнење, пространа внатрешност со висока технологија и навистина наградувачко возачко искуство. EV6 е возбудлив знак за она што допрва доаѓа во нашата електрифицирана постава која се развива“, беше коментарот на Џејсон Јеонг, претседател на Kia Europe.
А еве како гласало жирито:
Kia EV6 – 279 поени
- Renault Mégane E-Tech Electric – 265 поени
- Hyundai Ioniq 5 – 261 поени
- Peugeot 308 – 191 поени
- Skoda Enyaq iV – 185 поени
- Ford Mustang Mach-E – 150 поени
- Cupra Born – 144 поени
Како и во претходните две години, така и овогодинешната церемонија се емитуваше на интернет како пренос во живо, бидејќи овогодинешното издание на Меѓународниот автомобилски саем во Женева (GIMS) беше одложено поради пандемијата.
„Традиционалниот настан лично очекувам да се врати во 2023 година“, вели Сандро Мескита, извршен директор на GIMS и дополнува: „Работиме напорно за да се осигураме дека следното издание на Меѓународниот автомобилски саем во Женева може да се одржи во 2023 година. Церемонијата на доделување награди за „Автомобилот на година“ ќе ја врати својата улога како настан на отворањето на Деновите за печатот, особено затоа што следната година овој избор ќе го прослави својот 60-ти победник.
За наградата „The Car of the Year“
Трофејот „The Car of the Year“ се доделува од 1964 година и е најпрестижната и најпосакувана награда во автомобилскиот свет. Изборот „The Car of the Year“ е поддржан од девет големи публикации низ Европа: „Auto“ во Италија, „Autocar“ во Велика Британија, „Automobil Revue/Revue Automobile“ во Швајцарија, „Autopista“ во Шпанија, „AutoTrends“ во Белгија, „Autovisie“ во Холандија, „Firmenauto“ во Германија, „L’Automobile Magazine“ во Франција и „Vi Bilägare“ во Шведска. Жирито за 2022 година беше составено од 61 автомобилски новинар од 23 земји, кои поединечно ги тестираат и оценуваат седумте модели достапни за гласање во финалето. Овие седум претходно беа селектирани од вкупно 39 нови возила како дел од првичниот круг на гласање.