Audi објави дека нивниот нов RS3 Sedan поставил нов рекорд за сериски возила од компактна класа на германскиот Нирбургринг

Поточно, времето на ова Audi на Нирбургринг е 7 минути и 40.748 секунди, што е за 4,64 секунди подобро од времето на Renault Meganе RS Trophy-R.

Новиот RS3 се карактеризира со 2.5-литарски 5-цилиндерски турбо мотор со 400 КС и 500 Nm вртежен момент (20 Nm повеќе од неговиот претходник), 7-брзински менувач со двојна спојка и погон на сите тркала. Максималната брзина е стандардно 250 km/h (опционално 280 km/h), додека забрзувањето од 0 до 100 km/h е 3,8 секунди (0,3 секунди подобро од претходникот и 0,1 секунда подобро од моделот Mercedes-AMG A45 S).

Дополнително, за новиот RS3 е достапен и RS Dynamic Package со керамички сопирачки и максимална брзина од 290 km/h.

Исто така, во пакетот се аеро боди кит, саќеста црна предна решетка, ознаки RS, поголеми алуминиумски фелни, прилагодлива спортска суспензија (автомобилот е 25 mm понизок од обичниот А3), Launch Control систем, RS Torque Splitter (во RS Torque Rear мод  овозможува контролиран дрифт на затворени патишта), посилни сопирачки, спортски издувен систем, како и префинет ентериер со спортски седишта, кожен спортски волан, алуминиумски педали, инфозабавен систем од 10,1 инчи и дигитална инструмент табла од 12,3 инчи.

Тука се и Alu-Optic пакетот со мат сребрени детали (за преден сплитер, браници, прагови, заден дифузер), црн покрив и Carbon пакет.

Пазарното лансирање е најавено за есен, по цени во Германија од 60.000 евра за RS3 Sportback и 62.000 евра за RS3 Sedan.