Audi го промени дизајнот на своето лого / ВИДЕО
Дигиталната ера ги инспирираше производителите на автомобили да ги редизајнираат своите логоа во текот на изминатите неколку години, а меѓу нив сега е и Audi.
Четирите прстени се задржани, но целокупниот стил е многу „порамен“. Дизајнерот на Audi, Андре Георги вели дека новото лого е „значително помодерно“ од она што го заменува. Идејата за 2D логото на Audi датира од 2016 година, но таа доби на интензитет во 2020 година кога германскиот производител на автомобили почна да го преиспитува својот корпоративен идентитет. Тогаш беше одлучено четирите прстени секогаш и секаде да изгледаат исто.
Audi се откажал од хромираниот изглед и се одлучил за едноставно црно-бело лого. Остриот контраст ги нагласува прстените, а единствената препознатлива карактеристика што создава длабочина е како ова лого се појавува на автомобилот. Во случајот на новиот Audi Q8 E-Tron, ова е посебно место на решетката што ја повторува шемата на прстените.
Заедно со логото, се менува и фонтот што ќе го користи Audi – и едноставно се нарекува Audi Type. Со него е испишано името на брендот на столбот Б. Ќе го најдете и на многу други места, а на крајот ќе се појави и во мултимедијалниот систем.
Како и да е, четирите прстени кои го сочинуваат логото се незаменливи, што претставува спојување на четири производители на автомобили во 1932 година во Auto Union. Оваа компанија подоцна станува Audi каков што го знаеме денес.
Пред Audi, дизајнот на логото го ажурираа и Volkswagen, BMW, Nissan, Skoda, Kia, Peugeot, Renault, General Motors, Buick и други.